Откривање на спомен-биста на сликарот Никола Мартиноски во Букурешт

martinoski.jpg

Министерот во Владата задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, вчера во Букурешт, во името на Владата, ја откри спомен-бистата на реномираниот македонски сликар Никола Мартиноски.

Во својот говор пред бројните претставници на Владата на Романија, градот Букурешт, дипломатскиот кор и претставниците на македонската заедница во оваа држава, министерот Адеми зборуваше за ликот и делото на Мартиноски и неговиот придонес за развојот на македонската модерна ликовна уметност во 20 век.

„Откривањето на бистата се случува три дена по 8 Декември, Денот на македонскиот јазик во Романија, кој, благодарение на истрајноста на македонската дијаспора во оваа земја и одлуката на романскиот парламент, претставува значаен датум за зачувување на традициите, културата и јазикот на македонското етничко малцинство во Романија“, додаде министерот Адеми.

Овој проект, според Адеми, дополнително ги зацврстува односите и врските меѓу двете култури, македонската и романската, и показател е за одличните односи меѓу двете земји.

„Нашиот голем сликар и академик Мартиноски ни создаде дела кои ни го осветлуваат минатото, светол пример ни е во сегашноста, но и го осветлува патоказот кон иднината. Му припаѓа на првата генерација на македонски академски уметници. Школуван е во Националната школа за убави уметности во Букурешт, далечната 1927 година, а со враќањето од Букурешт и Париз, еден е од основачите и прв директор на Училиштето за применета уметност во Скопје, на Уметничката галерија во македонскиот главен град (од која подоцна ќе никне Националната галерија на Македонија) и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите“, истакна меѓу другото министерот Адеми.

Toj изрази голема благодарност до почесниот конзул на Романија во земјава, Штерјо Наков, кој материјално ја помогна изработката на бистата.

Мартиноски студирал во Букурешт, а бистата е поставена во познатиот парк Михаел I, заедно со спомениците на „врвни имиња од светот на уметноста, книжевноста, филозофијата, политиката и други реномирани личности на човечкото наследство“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top