Отворена изложбата на иновации, патенти и нови технологии – Иновамак 2019

.jpg

Во Домот на АРМ, вчера, свечено беше отворен третиот Меѓународен саем на иновации, патенти и нови технологии “ИНОВАМАК 2019“.

Свеченото отворање започна со воведен збор на претседателот на NAIM (Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија), Мирко Узелац, по што беа одржани поздравни говори од генералниот директор на IFIA (Светска федерација на асоцијации на пронаоѓачи)  – Хусеин Хујиќ, проф. д-р Ценгпеи Шуан од Асоцијацијата на пронаоѓачи од Народна Република Кина, проф. д-р Винфрид Штурм – амбасадор за STEM образование и менаџер на работната мрежа за млади во IFIA, Евгениј Николаевич Богданов, началник на информацискиот сектор на Волгатех универзитетот од Руската федерација, Предраг Ковач од Асоцијацијата на пронаоѓачи од Чешката република, Неда Икономова Гавриловска, претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, Горан Герасимовски, заменик-директорот на Државниот завод за заштита на индустриска сопственост  и Слободанка Трајковска, претставник на Државниот завод за индустриска сопственост на Р. Македонија.

По обраќањето до гостите саемот го прогласи за отворен претседателот на NAIM Мирко Узелац.

Проф. Штурм во рамките на саемот, во Dомот на АРМ, ќе одржи предавање на студентите од Машинскиот факултет при УКИМ – Скопје, кој е и соорганизатор на саемот, како и предавање во гимназијата Јосип Броз – Скопје во паралелката за германски јазик. Во рамките на Саемот ќе биде потпишан специјален договор за соработка помеѓу Кинеската асоцијација на иноватори и NAIM.

На ИНОВАМАК 2019 учествуваат повеќе oд 20 држави со изложени трудови во форма на експонати, прототипови и постери, при што се изложени иновации, патенти и нови технологии од повеќе области. Во домот на АРМ се присутни изложувачи од Кина, Руската Федерација, Канада, Индија, Полска, Чешка, Кореја, Србија, Босна и Херцеговина со Република Српска, Хрватска,… и, секако, од Македонија.

Присуството на високите гости на ИНОВАМАК 2019, пред сè, се должи на сè поголемиот углед што НАИМ го ужива во ИФИА, како полноправна членка на оваа светска федерација, која е официјално признаена од Обединетите Нации.

Работното време на саемот на 24 септември е од 14 до 19 часот, на 25 септември од 10 до 19 часот и 26 септември од 10 до 18 часот. За сите заинтересирани што сакаат да ја посетат изложбата ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top