Обновен е споменикот посветен на масакрот кај Дабница во 1941

spomenik-dabnica-1941.jpg

Во чест на 3 Ноември, денот на конечното ослободување на Прилеп, во месноста Дабница каде што на 19 септември 1942 година е извршен масакрот на 19 жители на селото, е откриена реплика на поранешниот споменик што беше вандалски уништен од сѐ уште непознати сторители. Уништувањето е извршено пред 17 години, а полицијата подоцна пронашла бронзени делови од споменикот во откупите на старо железо. Пронајдените делови во вреќи биле оставени во депото од музејот, за што директорот, Благоја Атанасоски, како што вели дознал неодамна.

– Кога беше уништен споменикот тогаш се направија две неправди: прво беше уништен симболот – спомен за стреланите дабничани од фашистичкиот окупатор. Споменикот беше дело на академскиот скулптор Димо Тодороски. Авторот на сегашниот споменик, Сашо Попоски и луѓето од леарницата направија максимални напори и од деловите на стариот го реконструираа споменикот за да се направи калап за новиот споменик висок два метра, а широк 90 сантиметри, што пак е реплика на уништениот споменик – вели Атанасоски, којшто е впрочем иницијаторот за изработка на репликата на овој споменик.

Скулпторот Сашо Попоски, врз основа на ремек делото на својот колега Димо Тодороски, ја изработил репликата. Според Попоски, подолго време се работело макотрпно на составување на деловите од уништениот споменик.

– Употребивме фотографии, скици и го направивме споменикот. Прво ја направивме бронзата, го исправивме споменикот во неговата оригинална висина, направивме гумен калап за да останат оригиналните потези, зашто ова е уметничко дело на Димо Тодороски и е од непроценлива вредност – вели скулпторот Попоски.

Претседателот на прилепската организација на Сојуз на борци, Круме Соколоски порачува да се почитува делото на паднатите борци, на жртвите на фашизмот.

– Дабница беше една од базите на Првиот партизански одред, кој беше формиран во 1941 година и затоа настрадаа многу дабничани – патриоти кои му помагаа на Одредот, тие ги хранеа борците. Подигнувањето на обновениот споменик, значи дека Прилеп и локалната власт со почит се однесуваат спрема нашето револуционерно и славно минато – забележува Соколоски.

Овој паметник чини 600.000 денари буџетски пари. Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски апелира да се зачува споменикот, како почит на делото на жртвите на фашизмот.

– Им оддаваме почит на стреланите жители на Дабница. Ја почитуваме светлата Народна револуција. Упатувам апел до граѓаните овој споменик да се зачува, да не се оштетува, зашто со тоа ќе му направиме штета на НОБ, на споменот на загинатите и на стреланите – порачува градоначалникот Јованоски и додава дека составени делови од оригиналниот бронзен споменик  ќе бидат изложени како експонат во меморијалниот музеј „11 Октомври“.

Општина Прилеп ја обнови и бистата на Блаже Спиркоски Воденски, пред домот на урбаната заедница „Тризла“, а во чест на празникот, историчарот кустос советник Рубин Белчески, ја промовираше и фотомонографијата посветена на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top