Меѓународен симпозиум „Денови на Јустинијан I”

justinian-prvi-300x225.jpg

Во организација на Институтот за национална историја – Скопје, Универзитетот во Болоња и Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски”, денеска во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје свечено ќе биде отворено седмото по ред издание на Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан I”.

Симпозиумот е поддржан и вклучен во годишната програма на Министерството за култура и на Градот Скопје, како и од Музејот на македонската борба, Македонската Православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прва, Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и Винаријата Стоби. Како што е најавено, на свеченото отворање ќе се обратат италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео, како и проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на меѓународниот организациски и научен комитет, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, коорганизатор и член на меѓународниот комитет, проф. д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Унивезитетот во Болоња, како и проф. д-р Драги Ѓорѓиев, директор на институтот за национална историја.

Се очекува писмено поздравно обраќање да има Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва. Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан Први и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

На десетте сесии кои ќе се реализираат во текот на двата работни дена во Порта Македонија и во Археолошкиот музеј, свои реферат ќе имаат над 60 еминентни проофесори и научници од Италија, САД, Велика Британија, Германија, Русија, Шпанија, Полска, Чешка, Австрија, Унгарија, Турција, Србија, Хрватска, Албанија и Косово. На почетоот од работниот дел, пленарното предавање ќе има еден од најеминентните светски византолози, проф. Ентони Калделис од Државниот универзитет во Охајо, САД.

Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, потврдува дека симпозиумот „Денови на Јустинијан I”, прераснува во еден од најпрестижните научни собири од ваков вид во регионот. Со тоа „Деновите на Јустинијан I”, ја постигнуваaт клучната цел за промоција на културното и историското наследство на нашата земја, со што Јустинијан I станува културен и историски бренд кој ги обединува земјите и народите на Европа и светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top