Меѓународен самит на издавачи и авторски агенции во Истанбул

samit-na-izdavaci-vo-istanbul.jpg

Истанбул втор ден е домаќин на четвртите по ред Меѓународни средби на професионални издавачи и агенции за авторски права од областа на издаваштвото (Istanbul Fellowship Programme), на кои учествуваат и македонски издавачи. Манифестацијата во организација на Здружението на професионалните издавачи на Турција оваа година привлече 191 учесник од 72 земји од светот, меѓу кои предничат претставниците од земјите од Азија и Латинска Америка, со што програмата „Истанбул фелоушип“ оваа година достигна рекорден број учесници во споредба со претходните четири години. На врвот на листата се наоѓаат Индонезија, Индија, Бразил, Италија и САД. Од Македонија свои претставници имаат издавачките куќи „Антолог“, „Прозарт медија“, „Алманах“ и „Бата-прес“.

Претседателот на Управниот одбор на Здружението на професионалните издавачи на Турција, Мустафа Догру, на отворањето на манифестацијата, говорејќи за големината на турскиот издавачки сектор, истакна дека во Турција годишно се објавуваат повеќе од 60 илјади наслови истакнувајќи дека издавачкиот сектор со годишен тираж од 600 милиони и обрт од 2 милијарди и 500 милиони долари се наоѓа на 11. место во издавачкото стопанство (издавачката економија) во светот.

Програмата на манифестацијата ја составуваат, освен Здружението на професионалните издавачи на Турција, Министерството за култура и туризам и Општината на градот Истанбул, а основната цел е зголемување на соработката помеѓу турските издавачи и издавачите од целиот свет и прераснување на Истанбул во еден одржлив глобален пазар на авторски права од оваа дејност.

Во минатите три години, од самиот почеток на одржување на манифестацијата беа потпишани повеќе од илјада договори за авторски права и остварени повеќе од 1.700 средби на издавачи. Освен средбите на издавачите и претставниците на авторските агенции, во текот на трите дена, колку што трае манифестацијата, се одржуваат и семинари со теми од издаваштвото и преведувачката дејност, како и концерти и посебни активности од руската и јапонската култура во име на одбележувањето на 2019 година како година на турско-руското и турско-јапонското пријателство.

Манифестацијата се одржува на нов простор изграден на самиот брег на Мраморното Море и се совпаѓа со деновите на одржување на книжевниот фестивал „Аврасја“ („Евроазија“), со што се создадени поголеми услови за соработка меѓу турските и странските издавачи учесници на меѓународниот истанбулски самит на издавачи и авторски агенции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top