МАКЕДОНСКАТА ПАРТИЈА ВО АЛБАНИЈА ГО ОДРЖА ТРЕТИОТ КОНГРЕС ВО ТИРАНА

alijansa.jpg

На 7 септември 2019 година во салата УНЕСКО на Националниот Историски Музеј во Тирана се одржа Третиот изборен Конгрес на Македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција.

Третиот Конгрес за членови на работното претседателство ги избра Таќо Гроздани за претседавач и членови Едмонд Османи, Марјана Костофски, Ендрит Фетаху и Аднан Ќејвани. Третиот Конгрес за членови на Верификационо-изборната комисија ги избра Елса Џелили претседател и членови Арбен Цале и Клодјан Сефери. Третиот Конгрес за записничар го избра Фото Никола.

На Третиот Конгрес присуствуваа: Атина Ничовска, секретар на амбасадата на Република Македонија во Република Албанија; Лиора Пелег, заменик амбасадор на Израел во Република Албанија; Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Реоублика Македонија во Република Албанија; Стојан Георгиев, почесен претседател на ОМО Илинден Пирин, Партија на Македонците во Република Бугарија; Ервин Бушати, пратеник и секретар на пратеничката група на Социјалистичката апртија во Собранието на Република Албанија; Николин Стака, пратеник во Собранието на Република Албанија и претседател на Партијата за демократско движење за промени; Мајлинда Халилај, пратеник во Собранието на Република Албанија; Едмонд Петрај, претставник на Влашката заедница во Република Албанија; Арбен Костури, претставник на Ромската заедница во Република Албанија; Маринко Цулафич, претседател на Црногорската заедница во Република Албанија; Чик Бука, претседател на Бошњачката заедница во Република Албанија; Ружица Расович, секретар на Црногорската заедница во Република Албанија; Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес; Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселениците од Македонија; академик Стојан Велковски, потпретседател на Партијата ИНТЕГРА од Република Македонија; Јорго Огненовски, претседател на Партијата ДЕМОКРАТИ од Република Македонија; Никола Костурски; и Славко Манговски, претставник на Меѓународното македонско движење за човекови права.

Третиот Конгрес го поздравија: Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Реоублика Македонија во Република Албанија; Ервин Бушати, пратеник и секретар на пратеничката група на Социјалистичката апртија во Собранието на Република Албанија; Стојан Георгиев, почесен претседател на ОМО Илинден Пирин, Партија на Македонците во Република Бугарија; Николин Стака, пратеник во Собранието на Република Албанија и претседател на Партијата за демократско движење за промени; Едмонд Петрај, претставник на Влашката заедница во Република Албанија; Арбен Костури, претставник на Ромската заедница во Република Албанија; Маринко Џулафич, претседател на Црногорската заедница виа Република Албанија; Чик Бука, претседател на Бошњачката заедница во Република Албанија; Никола Костурски; академик Стојан Велковски, потпретседател на Партијата ИНТЕГРА од Република Македонија; Јорго Огненовски, претседател на Партијата ДЕМОКРАТИ од Република Македонија; и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес.

Поздравни телеграми до Третиот Конгрес испратија Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, претседател на Партијата МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА од Република Македонија и Лигораќ Карамело, пратеник во Собранието на Република Албанија од Грчката заедница во Република Албанија.

Третиот Конгрес го верификува мандатот на 81 делегати од сите делови на Република Албанија – од Мала Преспа, Корча, Билишта, Поградец, Тирана, Елбасан, Драч, Кукс, Гора и Голо Брдо.

Третиот Конгрес го усвои Извештајот за работа на Македонска алијанса за европска интеграција за периодот од 2013 до 2019 година. Извештајот го поднесе претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција Едмонд Темелко. Во расправата по Извештајот учествуваа Ефтим Митревски, Кимет Фетаху и Митре Китани.

Бидејќи до Конгресот беше пристигната една номинација за претседател на Македонската партија, после обраќањето, делегатите на Третиот Конгрес едногласно за претседател на Македонска алијанса за европска интеграција за наредниот четиригодишен мандат од 7 септември 2019 до 7 септември 2023 година го избраа Васил Стерјовски, досегашен генерален секретар на партијата. Васил Стерјовски се заблагодари на изборот и повика на единство заради остварување на правата и слободите и унапредување на положбата на Македонците во Република Албанија, заради што се потребни сите Македонци!

Третиот Конгрес го прогласи Централниот комитет на Партијата за наредниот четиригодишен мандат од 7 септември 2019 до 7 септември 2023 година кој брои 45 членови: м-р Васил Стерјовски, претседател и членови: Едмонд Османи, Едмонд Темелко, Таќо Гроздани, Ендрит Фетаху, Ефтим Митревски, Мехмет Хоџа, Јован Фило, Елена Зоркада, Јили Халилај, д-р Валентина Нестор, Никола Ѓурѓај, Аднан Ќејвани, Бесим Мемишај, Џоана Ковачи, Јован Шкемби, Арбен Цале, Нико Андони, Сами Терзиу, Незир Мече, Марјана Костофски, Сефер Сефери, Берти Стојани, Александар Терпо, Кристо Кристо, Јани Апостоли, Фото Никола, Спасе Вурмо, Гани Даути, Бесник Хасани, Алберт Синани, Ставри Малевски, Ернест Постоли, Лазо Стојани, Јордан Јанкула, Сокол Докле, Јилбер Кадриу, Васил Шемко, Валбона Сербини, Атанас Плоча, Нико Китани, Митре Симон, Андон Јани, Стојанка Палко, Милаим Бала, и Павло Вурмо. Претседателите на регионалните и општинските организации ќе бидат кооптирани во составот на Централниот комитет по нивниот избор.

Третиот Конгрес за почесен претседател на Партијата за наредниот четиригодишен мандат од 7 септември 2019 до 7 септември 2023 година едногласно го избра Едмонд Темелко.

Третиот Конгрес за членови на Надзорниот одбор на Партијата за наредниот четиригодишен мандат од 7 септември 2019 до 7 септември 2023 година едногласно ги избра: Елена Зоркала, претседател и членови – Нико Андони, Сами Терзиу, Кристо Кристо и Петрит Кадриу.

Делегатите на Третиот Конгрес едногласно усвоија Резолуција за унапредување на положбата и правата и слободите на Македонците во Република Албанија.

Со тоа Третиот Конгрес на Македонска Алијанса за европска интеграција успешно ја заврши својата работа.

Македонска алијанса за европска интеграција својот Прв Конгрес го одржа на 25 април 2009 година во Тирана, а Вториот Конгрес го одржа на 6 април 2013 година во Тирана.
____________________________________________

ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ: ЕДИНСТВЕНИ ЗА ПОВЕЌЕ ПРАВА И СЛОБОДИ, ОДНОСИТЕ МЕЃУ АЛБАНИЈА И МАКЕДОНИЈА ДА ГИ ГРАДИМЕ ВРЗ ОСНОВНИОТ ПРИНЦИП НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО НА ЕДНАКВА СУВЕРЕНОСТ!

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, почитувано работно претседателство, Ваши екселенции, почитувани дами и господа, како прв пратеник во албанското собрание, од партија на Македонците во Република Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Ве поздравувам и Ви посакувам успешна работа и плодни резултати на Изборниот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција!

Македонците во Албанија се неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ во целина, но Албанија е татковина и на Македонците. Македонците во Албанија се нејзини лојални државјани. Така било, така и ќе остане. И Македонците се бореа за слободата на оваа држава, беа дел од антифашистичката коалиција во Втората Светска Војна и затоа Македонците се вградени во државноста на Република Албанија.

Почитувани браќа и сестри, на Македонците во Албанија им е потребна силна и авторитетна Македонска партија, која ќе биде народна и демократска, ќе работи транспарентно, ќе воспостави здрава организација и силна идеја за права, слободи, правда, демократија и развој на Албанија, за права, слободи, правда, демократија и развој на Македонците и на сите граѓани на Република Албанија.

На Македонците им е потребно единство, меѓусебно почитување, разбирање и толеранција и надминување на личните суети. Силата е во единството, и само обединети можеме да победиме. И верувајте дека ќе победиме!

Точно е дека има разлики во мислите, разлики во пристапот за акција, разлики во динамиката со која треба да ги освојуваме нашите права и слободи во нашата држава Албанија.

Но, нам ни треба акција сега и веднаш, затоа што времето не гази сите! Заедно губиме сите!

Овој Конгрес нема да ги реши сите проблеми на Македонците во Република Албанија, ама ќе даде силен патоказ како да се обединиме и организираме повеќе и побрзо, како во судирот на разликите да дојдеме до единство во Македонска алијанса за европска интеграција.

Секако дека ќе има и незадоволни, но партијата е процес, таа не е манифестација. Ниту се’ можеме да решиме одеднаш, ниту се’ можеме да решиме како што треба. Најважно е што единствени и обединети, упатуваме силна порака, дека Ние сме Македонци, дека нас не има многу повеќе во цела Албанија отколку што не бројат во Мала Преспа, дека Македонците во Албанија не се само Мала Преспа!

Македонците во Албанија се вградени во историјата и културата на оваа земја!
Мораме да ги организираме Македонците во цела Албанија, да се чуе нашиот глас и овде и во светот.

Нашето единство не прави силни да одолееме на сите предизвици и негации од сите страни по сите основи!

Почитувани делегати, упатувам благодарност на основачите на партијата, Кимет Фетаху, Едмонд Темелко, Мехмет Хоџа, Ефтим Митревски, Јани Ѓамо, на Таќо Гроздани, Елена Зоркада, Јован Шкемби, Едмонд Османи, Аднан Ќејвани, Спасе Мазенковски и на сите кои се вклучија после нив во структурите на Македонска Алијанса за Европска Интеграција и кои дадоа свој придонес во Македонската партија. Сите овие ќе бидат дел од мојот тим за работа. Секако, партијата мора да се отвори и кон сите Македонци во Албанија. Ќе направам се’, што повеќе Македонци кои денес членуваат во албанските партии да дојдат во нашата партија. Партијата посебно ќе ја отворам за младите. Мораме да имаме јака структура на младите на партијата.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, функцијата претседател на Македонска алијанса за европска интеграција ја сметам за одговорна функција која бара многу напор. Македонска алијанса за европска интеграција во моментот е во многу лоша состојба. Комитетите не ни фукционираат, немаме ниту една канцеларија. Македонската партија мора да има главна канцеларија во Тирана, и најмалку три канцелари во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Не сакам да навлегувам зошто сме дојдени до оваа ситуација. Сите што сме биле дел од структурите на Македонската партија, кој повеќе кој помалку, имаме дел од вината што сме во оваа ситуација.

Праќам апел до сите активисти на Македонска алијанса за европска интеграција дека е време да се обединиме. Да ги оставиме зад нас кавгите и недоразбирањата. Интересите на Македонците во Албанија бараат да бидеме обединети. На Македонците во Албанија им треба силна Македонска партија. Апелирам до сите Македонци кои членуваат во албански партии да се вклучаат во редовите на Македонска алијанса за европска интеграција. За сите има место!

После Конгресот не чека потешката работа. Треба партијата да ја консолидираме, да формираме комитети во цела Албанија каде што има Македонци. Сето ова не можеме да го постигнеме ако сме разединети. Јас како претседател на Македонска алијанса за европска интеграција Ви гарантирам, дека ќе работам транспарентно и тимски, ќе го почитувам мислењето на секој член, одлуките на Македонска алијанса за европска интеграција ќе ги носиме консензуално. Ниту еден активист на Македонска алијанса за европска интеграција нема да биде заборавен или отфрлен. Партијата ќе ја отворам за младите. Ќе формираме структури на ветараните, жените и младите.

Ќе ја засилиме меѓународната активност во борбата за нашите македонски права и слободи станувајќи членка на Слободната Европска Алијанса, партија на малцинства во Европскиот парламент каде членуваат ОМО Илинден Пирин – партија на Македонците во Бугарија и Виножито – партијата на Македонците во Грција. Ќе ја засилиме соработката со македонските политички партии во Македонија и политичките партии во Европската Унија!

Ние мораме да станеме силен фактор на политичката сцена во Албанија.

Но, пред се, апел до сите, да бидеме заедно, да сме единствени и обединети!
На Македонска алијанса за европска интерација и се потребни сите Македонци.

Во моментот, Македонска алијанса за европска интерација е застапена со свој пратеник во албанското собрание. Ние мора да се избориме секогаш да бидиме парламентарна партија. Заеднички со сите малцинства, бараме да имаме загарантирани места во албанскиот парламент.

Територијалната реформа во 2015 година не даде резултат и не им помогна на Македонците во областите на Гора и Голо Брдо.

Инсистираме Собранието на Албанија да донесе нова територијална реформа со цел да се оформат две посебни општини во Гора и Голо Брдо. Бараме Владата на Република Албанија да вложи во развојот на туризмот, стопанството, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата во местата каде што живеат Македонците, во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Во Голо Брдо ќе инистираме што побрзо да се донесе одлука граничниот премин Џепиште-Требиште да работи 24 часа.

Македонска алијанса за европска интеграција после 12 години владеење, на последните локални избори ја изгуби единствената македонска општина Пустец. Интересите на Македонците во општина Пустец налагаат ние како Македонска партија да соработуваме со новиот градоначалник на општина Пустец, Македонец од редовите на Социјалистичка партија. Наш интерес како македонска партија е општина Пустец економски да се развие со средена инфраструктура, да стане пригодно место за живеење и да се унапредат правата на Македонците. Стојам на располагање како пратеник во албанското собрание, но и како партија, да му помогниме на градоначалникот на општина Пустец. Секако, помошта е потребна пред се’ од албанската влада, добредојдена е помошта и од македонската влада. Се’ додека новиот градоначалник работи во правец на економски развој на општина Пустец и унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во општина Пустец, ќе ја има мојата лична поддршка и поддршката на Македонска алијанса за европска интеграција. Се надевам дека брзо ќе дојде денот кога новиот градоначланик, но и сите Македонци во општина Пустец ќе станат членови на Македонска алијанса за европска интеграција и заедно ќе се бориме за подобар развој на општина Пустец, за правата на Македонците.

Почитувани браќа и сестри Македонци, Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во македонско-албанските односи. Односите меѓу Република Албанија и Република Македонија мора да ги градиме врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност: взаемно разбирање и почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи.

Бараме Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа!
Македонска алијанса за европска интеграција е определена за политики на добрососедство, за продлабочување на евро-атлантската интеграција на Албанија во соработка со нашите стратешки партнери САД и Европската Унија.
Македонска алијанса за европска интеграција ќе придонесе во односите меѓу Албанија и Македонија и ќе стане мост на соработка помеѓу двата народа и двете држави.

Наша задача и натаму останува унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија. Наша задача е унапредувањето на положбата и правата на сите етнички заедници во Албанија, а заедно со нив, во координација и соработка, да ја градиме државата Албанија.

Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што живеат Македонците, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците.

Нека Господ Бог не благослови сите нас, нека Господ Бог ги благослови Македонија и Албанија! Да живее Македонска партија! За Македонците во Албанија! Да живее Македонија! Да живее Албанија!
____________________________________________

ЕДМОНД ТЕМЕЛКО: НЕ ОСТВАРИВМЕ СЕ’, НО ПОСТАВИВМЕ ТЕМЕЛ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БОРБАТА ЗА ПРАВА И СЛОБОДИ И ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА!

Почитувани делегати, почитувани гости, на делегатите на Третиот Конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција му предлагам да го усвои следниот Извештај за работа на Македонска алијанса за европска интеграција за периодот 2013-2019 година.

Во 2013 година благодарение на единствената македонска партија во Република Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција успеавме да ги вратиме македонските топоними во општина Пустец.

На парламентарните избори во 2013 година Македонска алијанса за европска интеграција настапи во коалиција со Демократската партија. Подобар резултат постигнавме во округот на Корча, каде носител на листата беше д-р Валентина Нестор.

Во 2015 година Македонска алијанса за европска интеграција повторно ја освои општина Пустец и освои седум советници во советот на општина Пустец. Македонска алијанса за европска интеграција советнички места освои и во општините Поградец и Малиќ.

На парламентарните избори во 2017 година Македонска алијанса за европска интеграција настапи во коалиција со Социјалистичко движење за интеграција. На овие избори, генералниот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, беше петти на листата на Социјалистичкото движење за интеграција. Благодарение на таа коалиција, денес Васил Стерјовски е прв Македонец пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција во Собранието на Република Албанија.

На локалните избор 2019 година Македонска алијанса за европска интеграција не успеа да победи во општина Пустец. Во советот на општината, Македонска алијанса за европска интеграција освои 4 советници.

Почитувани делегати, во периодот кој измина бевме исправени пред многу искушенија и предизвици, некогаш заради наши слабости, некогаш поради притисоци со кои бевме соочени.

Успеавме да го одржиме курсот на македонската партија во согласност со барањата и потребите на Македонците во Република Албанија.

Се разбира, бевме упатени кон институциите на власта, кои не секогаш излегуваа во пресрет на нашите барања.

Настојувавме во соработка и координација со другите етнички заедници во Република Албанија да вршиме притисок пред европските и меѓународните организации за остварување на основните човекови права и слободи и во тоа донекаде успеавме. Благодарение на нашите барања, Европската Унија побара повторување на пописот заради реално попишување на припадниците на националните малцинства. Како резултат на соработката и координацијата со другите етнички заедници во Република Албанија, во кабинетот на премиерот се формира владино тело со претставници на сите етнички заедници во Република Албанија.

Почитувани делегати, Статутот на Македонска алијанса за европска интеграција го ограничува бројот на мандатите, не дозволува повторно кандидирање за претседател на партијата.

Свечено изјавувам дека ќе останам и натаму посветен на македонските работи и ќе дадам мој придонес во консолидирање на Македонска алијанса за европска интеграција и во унапредувањето на положбата и правата и слободите на Македонците во Република Албанија.

Ве повикувам сите да се обединиме и заедно да продолжиме за доброто на Македонците во Република Албанија. Има многу нешта за кои треба да се избориме, има многу работа сето тоа да го оствариме. Ви благодарам на вниманието и Ви предлагам да го усвоите Извештајот за работа на Македонска алијанса за европска интеграција за периодот 2013-2019 година.
____________________________________________

ТОДОР ПЕТРОВ: ЗА ИСТОРИСКО МАКЕДОНСКО-АЛБАНСКО ПОМИРУВАЊЕ И ДОГОВОР ЗА ТРАЕН МИР И ДОБРОСОСЕДСТВО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА!

Почитувани браќа и сестри Македонци, Ваши екселенции, почитувани дами и господа, Ви упатувам искрени поздрави од Македонците во светот. Од името на Матицата на иселениците од Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија и Светскиот Македонски Конгрес, Ви посакувам успешна работа и плодни резултати!

Македонската партија е круна на македонската борба за човековите права и слободи и за унапредување на положбата на Македонците во Република Албанија од 1990 година. Децениите зад нас, бележат и победи и порази. Локалните избори одржани на 30 јуни годинава, не беа успешни за Македонската партија. Но, упатуваме честитки за изборот на новиот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски со кого треба да се соработува. Искрена благодарност и до досегашниот градоначалник на општина Пустец Едмонд Темелко за се’ што стори за Македонците во општина Пустец и во Република Албанија. И секако, го поздравуваме мандатот на Васил Стерјовски за пратеник во Собранието на Република Албанија. За првпат во историјата на оваа држава од 1912 година, Македонците во Парламентот на Албанија имаат пратеник. Не оти и пред тоа немало Македонци во институциите на власта на Албанија. Албанија, колку е Албанска, толку е и Македонска држава. Но, Васил Стерјовски е прв пратеник Македонец избран од Македонска партија.

Македонците и во Втората светска војна заедно со албанските партизани ги поразија фашистите и балистите и се вградија во темелите на државноста на Албанија. Поради тоа и Вам Ви следат правата и слободите како и за останатите!

Посакуваме македонско-албанско помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Албанија, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: взаемно разбирање и почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи.

Не смееме ниту да заборавиме, дека и војната во Македонија во 2001 година, не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна на некои големи сили за имплементација на нивни глобални интереси за свои сфери на влијание на овие простори. Како и за сите, така и за Македонците, мора да важи правилото: Македонците немаат вечни пријатели, Македонците немаат вечни непријатели, Македонците имаат вечни интереси! За Македонците во Албанија, вечен интерес е унапредувањето на нивната положба и права и слободи на реципроцитетна основа како и за Албанците во Македонија! Посакуваме билатерален Договор меѓу Скопје и Тирана за положбата и правата на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија, на реципроцитетна основа: Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија! Само така ќе бидеме еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните.

Почитувани браќа и сестри Македонци, прашањето за името на државата Македонија е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година и со референдумот од 30 септември 2018 година. Македонците во светот се единствени и обединети во борбата за враќање на името на Македонската држава и идентитетот на Македонската нација. Вие сте Македонци, зборувате Македонски јазик, Вашиот идентитет како и на Македонците во светот и во Македонија не зависи од одлуката на било која влада!

За жал, Македонија е жртва на интересите на Атина и Софија за легализација на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година – за легализација на окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година! Атина и Софија го злоупотребуваат правото на вето за суспензија на барањето на Македонија за членство во Европската Унија и НАТО Алијансата, со цел Македонија од држава да стане територија без народ и историја, под администрација на грчката и бугарската престолнина…

И натаму остануваме единствени во борбата против бугарската пропаганда, за неизживеаната софиска романса за Санстефанска Бугарија од 1878 година.

Почитувани браќа и сестри Македонци, во Албанија нема бугарско малцинство! Македонците во Република Албанија не се Бугари! Вие сте сведоштво на таа вистина. На овој Конгрес ги претставувате Македонците од сите делови на Албанија!

Почитувани браќа и сестри Македонци, потребна е консолидација на Македонската партија, прифаќање на барањето за посебни изборни зони со етнички квоти на пратеници Македонци во Собранието на Република Албанија.

Го поздравуваме единството во Партијата и мудроста да не се предизвика раскол меѓу Македонците во Албанија. Веруваме дека и овој Конгрес ќе го потврди единството во партијата и меѓу Македонците во цела Албанија!

Имате целосна поддршка од Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот Македонски Конгрес.

Нека Господ Бог Ве благослови сите Вас и македонско-албанското братство и единство! Да живее Македонија и Албанија! Да живеат Македонскиот народ и Албанскиот народ заедно!

____________________________________________

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА И ПРАВАТА И СЛОБОДИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА

(1) Македонците во Република Албанија го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Република Албанија и неповредливоста на нејзините граници.

(2) Македонците во Република Албанија се залагаат за љубор, мир, толеранција и коегзистенција во албанското општество.

(3) Македонците во Република Албанија се сметаат за неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ.

(4) Македонците во Република Албанија во унапредувањето на положбата и правата и слободите, ќе соработуваат со Македонците и нивните здруженија на граѓани и политички партии во Република Албанија и во целиот свет.

(5) Македонците во Република Албанија го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и се залагаат за унапредување и продлабочување на соработката во сите сфери меѓу Република Албанија и Република Македонија.

(6) Се изразува согласност Република Албанија да се гради како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, со еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, независно од нивното мислење, етничко потекло, верско уверување, политичка припадност и имотна и општествена положба.

(7) Се бара признавање на правата и слободите на Македонците на целата територија на Република Албанија, посебно во областите Гора и Голо Брдо, а не само во областа Мала Преспа.

(8) Се бара соодветна и правична застапеност на Македонците во органите на државната власт и другите јавни институции и во локалната самоуправа на сите нивоа.

(9) Се бара да имаме загарантирани места во Собранието на Република Албанија за сите малцинства.

(10) Инсистираме Собранието на Република Албанија да донесе нова територијална реформа со цел да се оформат две посебни општини во Гора и Голо Брдо.

(11) Покрај Албанскиот јазик како службен јазик на целата територија во Република Албанија и во нејзините меѓународни односи, се бара во единиците на локалната самоуправа каде што најмалку 10% од граѓаните се Македонци, службен јазик да биде и Македонскиот јазик и неговото кирилско пимо.

(12) Се бара личните документи (матичните евиденции на родените, венчаните и умрените, личните карти и пасошите) на Македонците да им се издаваат покрај на Албански јазик и неговото латинично писмо и на Македонски јазик и неговото кирилско писмо.

(13) Се бара настава на Македонски јазик во основното, средното и високото образование.

(14) Од институциите на власта на Република Албанија се бара да ги почитуваат и гарантираат слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање на Македонски јазик.

(15) Се бара почитување на слободата на движењето, здружувањето и правото на мирно собирање и изразување јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.

(16) Се бара државата да ја гарантира слободата на здружување на Македонците без никакви ограничувања, заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

(17) Се бара правото на слободно основање на здруженија на граѓани и политички партии на Македонците на целата територија на Република Албанија, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

(18) Се изразува согласност за почитување на слободата во правото на вероисповедта и формирање на верски заедници.

(19) Се изразува право на Македонска Православна Црква во Република Албанија за Македонците со православна вероисповед и на Македонска Исламска Заедница за Македонците со исламска вероисповед.

(20) Се бара формирање на посебен државен телевизиски и радио канал за малцинските етнички заедници во Република Албанија и соодветна застапеност на програмите на државните и локалните телевизии и радиа на јазиците на малцинските етнички заедници, меѓу кои и на Македонскиот јазик.

(21) Се бара Владата на Република Албанија да го помага издавањето на весници на Македонски јазик.

(22) Се бара организирање на попис на населението со меѓународен мониторинг за којшто ќе се овозможи слободно изјаснување со посебни графи на пописните листи за етничкото потекло на граѓаните на Република Албанија, меѓу кои да има и графа “Македонци“.

(23) Македонте во Република Албанија се согласни за полноправно членство на Република Албанија во Европската Унија и НАТО Алијансата и со своето однесување и постапки ќе придонесуваат да се постигнат евро-атлантските стандарди во сите сфери на општеството и државата.

(24) Потписниците очекуваат помош и акција на Европската Унија, ОБСЕ, Советот на НАТО и Обединетите Нации во имплементацијата на точките од оваа Резолуција и постигнувањето на евро-атлантските стандарди во Република Албанија.

(25) Македонците и нивните претставници во имплементацијата на оваа Резолуција ќе соработуваат со останатите малцински етнички заедници во Република Албанија и нивните претставници, со институциите на власта на Република Албанија и со меѓународната заедница.

(26) Оваа Резолуција влегува во сила со нејзиното донесување.

(27) По еден примерок од оваа Резолуција се доставува до: архивата на Партијата; делегатите на Изборниот Конгрес; Парламентот, Претседателот и Владата на Република Албанија; Парламентот, Претседателот и Владата на Република Македонија; ОБСЕ; Советот на Европа; ЕУ и ООН.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top