Македонија и Србија ќе соработуваат во размена на знаење и искуства од дигитализацијата

digitalizacija1.jpg

На почетокот на следната година веб-страниците на Владата и министерствата ќе бидат редизајнирани и унифицирани во насока на поголема транспарентност и отчетност и интерактивност со граѓаните, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за примената на новиот концепт, што е дел од реформите на администрацијата преку дигитализација на процесите, при што ќе се користат искуства на Србија.

Со Меморандумот за соработка што Манчевски го потпиша со директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ, се предвидува размена на знаење и искуства од дигитализацијата на српската јавна управа во изминатите две години.

– Колегите од Србија воведоа конкретен механизам за комуникација со граѓаните кој можат преку веб-страницата на Владата да упатат конкретно прашање и има конкретни рокови во кои мора да добијат одговори од соодветната институција, изјави Манчевски, наведувајќи пример за функционалноста на концептот.

Како што дополни министерот, на многу едноставен и лесен интерактивен начин граѓаните веднаш ќе добиваат одговори од институциите, а има и јавна статистика на бројот на одговори и времето што било потребно да бидат доставени.

– Менувањето и унифицирањето на веб-страниците на Владата и министерствата е многу повеќе од менување на нивниот изглед и подобрување на нивните функционалности. Станува збор за менување на целиот начин на којшто ќе комуницираме со граѓаните и ќе објавуваме информации, нагласи Манчевски.

Јовановиќ, од своја страна, посочи дека Меморандумот за соработка во дигитализацијата е продолжение на активностите во таа насока од дигиталните самити за Западен Балкан, што се одржаа во Скопје и во Белград.

– Програмата и концептот за дигитализација што премиерката Ана Брнабиќ го постави во приоритетите на Владата на Република Србија за две години доведе до развој на нови системи за електронска управа. Веќе забележуваме дека државите од регионот ги препознаа значењето и можностите по електронски пат да се направи трансформација на јавните управи во ефикасен сервис во којшто граѓаните и стопанството се во центарот на вниманието, рече Јовановиќ.

Како што најави Манчевски, следен чекор во соработката во областа на дигитализацијата со Србија е потпишување договор за меѓусебно признавање на електронски сертификати, што се планира за почетокот на септември.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top