Лиса Жерар, Тајгер Лилис, Џим Џармуш се дел од годинешната програма на МКЦ

Lissa-Gerrard.jpg

Лиса Жерар, едната половина од епското дуо Dead Can Dance, легендарната британска трупа Тајгер Лилис и Џим Џармуш, големото име од филмската индустрија, се само дел од светските артисти кои се најавуваат од страна на Младинскиот културен центар како дел од годишната програма на оваа установа. Само во првиот квартал од 2019, на календарот на МКЦ се забележуваат повеќе од 40 настапи на домашни и странски артисти.

“Едно од најголемите имиња што успеавме да ги обезбедиме за 2019 е Lissa Gerrard, која ќе гостува во рамки на нејзината турнеја со бугарскиот хор Le Mystère des Voix Bulgares. Овие денови, МКЦ е домаќин на резиденција на која учествуваат десетина млади уметници (музичари и визуелни уметници) од Франција, Белгија, Словенија и Македонија. Се работи за проектот CONFRONT, каде што МКЦ е партнер во проектот заедно со Ле Гранд Миџ (Франција), 4АД (Белгија), Пот Миру (Словенија). На 5 резиденции организирани во овие држави се креира музичко/визуелно дело, кое кон крајот на годината ќе се презентира во рамки на европска турнеја. Учесници од Македонија се младата гитаристка Јоана Ристеска, тапанарката Мартина Баракоска (од бендот Дупер), а како креативен директор (избран од 4 предложени кандидати од сите 4 партнери) е избран Саша Павловиќ (СунС, екс Бернајс Пропаганда, Демек…)”, велат од МКЦ, додавајќи дека ова е само еден од трите европски проекти во кои учествуват.
МКЦ е дел и на театарскиот проект CHORUS во соработка со пет реномирани театари од Европа, меѓу кои и Upstart theater од Лондон, PATHOS од Берлин и Theater am Lend од Австрија. Целта на проектот е продукција на заедничка претстава, која ги истражува новите современи облици на театарскиот израз.

МКЦ е дел и од повеќегодишноот проект CREART како партнер на Град Скопје во реализација на проектот што вклучува повеќе од 200 артисти и над 30 куратори во мрежата на градови здружени во различни активности со цел културно и уметничко издигнување на општеството. Новиот проект, пак, што ќе стартува годинава е “Сирова култура”. Идејата е 4 пати во годината, на секое тримесечие, на младите независни и неафирмирани артисти да им се даде простор и време да го претстават она што го создаваат. Наменет е за артисти што создаваат авторска музика, уникатни уметнички дела, театар, пишуваат проза/поезија или драми.

“Во однос на МОТ 2019 ја најавуваме биеналната македонската театарска берза, маркетот на македонски театарски продукции што влегуваат во специјална селекција да бидат презентирани пред странски директори на фестивали и театри, со надеж дека истите ќе бидат селектирани да бидат дел од нивната програма, а со тоа и наш извозен културен продукт. Во рамките на ревијалниот програмски дел -затвораме со концерт на легендарната британска трупа Тигер Лилиес…Во однос на фестивалот на европски филм Синедејс планови за 2019 се повеќе етаблирани имиња, активности вон фестивалските дати и надвор од главниот град -дисперзија на програмата во неразвиените општини, филмска едукација за најмладите, соработка со регионалните фестивали, воведување на две нови награди – награда за најдобра музика на филм, но и награда за најдобра маркетинг кампања на филм.

Џим Џармуш, пак, не во својство на гостин на фестивалот туку како музичар, би настапил со свој концерт.
Во однос на капитални инвестиции пак, се најавува корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани. Во план е и реновирање на платото пред МКЦ. Новина е и отворање и воспоставување Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа, а потем својот потенцијал да го искористат како дел од тимот на МКЦ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top