Конференција за Западен Балкан во Познањ: Патот до ЕУ е трнлив

poznanj.jpg

Под мотото „Поуки од минатото, подготовка за иднината“ денеска во Познањ, во рамките на т.н. Берлински процес, почнува конференцијата за Западен Балкан.

Познањ неделава е во знакот на конференцијата за Западен Балкан. Од денеска до петти јули во полскиот град заседаваат шефови на влади, министри, како и претставници на многу невладини организации од земјите од регионот.

Најзвучно име на списокот на учесници на конференцијата, која од 2014 година се одржува во различен европски град, е германската канцеларка Ангела Меркел. Таа е и иницијатор на процесот познат под името „Берлински процес“. Целта е на шесте западнобалкански држави – Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, да им се пружи помош на патот кон ЕУ.

„Патот е трнлив“

А тој пат е сѐ друго, само не лесен. Во својата видео-порака пред одржувањето на самитот во Познањ, германската канцеларка рече: „Денес состојбата е мирна, но сѐ уште има многу тензии и мора да се исполнат уште многу критериуми за земјите од Западен Балкан да ги исполнат условите за приклучување кон Европската унија. Патот, значи, е сѐ уште трнлив.“

Најдобар пример за тешкотиите е конфликтот помеѓу Србија и Косово. Досега резултат не нема ниту од иницијативата Меркел-Макрон, која требаше на разговорите помеѓу Белград и Приштина да им даде нов импулс. Средбата на високо ниво планирана за 1 јули во Париз беше одложена, поради тоа што Косово не беше подготвено да ги укине царините од 100 проценти на српски производи. Косово тоа го презеде како реакција на делумно успешните дипломатски напори на српската влада во спречување на членството на Косово во меѓународни институции, како на пример Интерпол или Унеско.

Конфликтот ги оптоварува не само политичките разговори за признавање на Косово, туку, на пример, и создавањето на заеднички економски регионален простор, што е една од големиот број иницијативи во рамки на Берлинскиот процес. „До ноември минатата година соработката помеѓу трговските комори на Србија и Косово беше најдобар пример за тоа како може добро да се соработува и покрај политичките камења на сопнување“, вели економски експерт од германската влада за Дојче веле.

Во Познањ, со помош на некои ЕУ-држави, како Полска, Германија, Франција, Австрија, Италија, Бугарија и од неодамна и Грција, би требало да се поттикне практичната соработка и покрај постоењето на конфликти.

Станува збор за заеднички инфраструктурни проекти, научна соработка и заемно признавање на дипломите, размена на млади луѓе, олеснувања во делот на трговијата, како здружување на царинските контролни пунктови. Но, на големиот број седници и форуми ќе се дискутира и ќе се коваат нови планови и за теми како безбедност, борба против корупцијата, зајакнување на цивилното општество и – како нова тема – зајакнување на општествената позиција на ромското малцинство.

Северна Македонија како пример

Евидентни се многу успеси, како на пример намалувањето на цената на роамингот од 1 јули, или отворањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), но остануваат многу предизвици, пред сѐ на политичко ниво.

Германската канцеларка сѐ уште се надева дека во разговорите помеѓу Србија и Косово се можни нови импулси по примерот на решавањето на спорот за името на Северна Македонија. „Овој спор траеше со години и благодарение на политичката храброст на северномакедонскиот премиер Зоран Заев, како и на грчкиот премер Алексис Ципрас, се успеа во решавањето на овој конфликт, така што сега има перспектива за почеток на преговори и можен е прием во НАТО. Ваквиот позитивен пример треба да нѐ охрабри и за решавање на проблемите во Босна и Херцеговина или помеѓу Србија и Косово“, оцени канцеларката.

Експертите меѓутоа се на мислење дека за такво нешто се неопходни други политички елити.

Швајцарскиот историчар Јенс Шмит во едно интервју за ДВ ја критикуваше „стабилократската“ ЕУ-политика во регионот, која посветува многу малку внимание на цивилното општество и одвај ги забележува неговите протести против автократскиот стил на владеење, какво што во моментов има во Србија, Албанија и Црна Гора. „Тоа стана фундаментален проблем на европската политика на Балканот, поради што веродостојноста на ЕУ во очите на многу граѓани на Балканот претрпе штети.“

Освен тоа, ЕУ не е едногласна во однос на Балканот. Непосредно пред конференцијата за Западен Балкан, францускиот претседател Емануел Макрон, кој инаку не патува за Познањ, во Брисел рече дека „ќе се бори да нема проширување пред да се спроведат реформи во ЕУ“.

Канцеларката Меркел нема да се откаже од Берлинскиот процес додека е на функција. Што потоа ќе се случува со иницијативата, е неизвесно, се вели во владини кругови во Берлин.

DW.COM

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top