Кинематограферот на „Ерин Брокович“ Едвард Лакман – добитник на „Златна камера 300“

ed-lakman2-696x392.jpg

Американскиот кинематографер Едвард Лакман е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што годинава од 14 до 21 септември ќе се одржи во Битола.

„Ед Лакман е со децении во врвот на американските и светски кинематографери, со неколку филмови, оскаровски кандидати, за кои требаше да добие барем еден Оскар, но заврши со 2 номинации. Затоа фестивалот ‘Браќа Манаки’ токму на својот јубилеј му го дава нашиот Оскар – „Златна камера 300“ за животен опус што тој апсолутно го заслужува. Иако физички хендикепиран, тој импресионира со својата креативна енергија, со досега снимени 80 филмови, од неговите почетоци на стартот на 1970-те, до најновите три играни проекти, снимајќи по неколку филмови годишно. Тој е еден од ретките кинематографери, кој е и добар режисер потпишувајќи се на 10 филмови, а негува особена љубов и кон документарците при што половина од неговиот опус е од документарен жанр. Имајќи го за нов лауреат со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност – во ликот на Ед Лакман, прославата на 40. јубилеј на Браќа Манаки, добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите“, истакна уметничкиот директор Благој Куновски – Доре на денешната прес-конференција истакнувајќи дека Лакман веќе подолго време бил еден од кандидатите за наградата за животно дело и нов член во клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Куновски додаде дека е вистинско задоволство што тој ја прифатил поканата да дојде на фестивалот.

Инаку, покрај „Златна камера 300“, Лакман е добитник и на 41 награда и има 42 номинации. За филмот „Керол“ ја освои БАФТА Наградата во 2016 како и годишната награда на BSC/British Society of Cinematographers, а во 2017, ASC/American Society of Cinematographers, му ја додели наградата за животно дело.

Со режисерот Тод Хејнис, ги има реализирано ремек-делата „Далеку од небесата“ со Џулиен Мур и Денис Квејд во главните улоги, и споменатиот „Керол“ со Кејт Бланшет и Руни Мара како протагонистки, а за кои има номинација за Оскар за најдобар кинематографер за 2002, односно 2015 година. Лакман со Хејнис го снима и „Јас не сум таму“ (2007) филм за Боб Дилан, во кој шест ликови отелотворуваат различен аспект од животот и работата на познатиот музичар.

Значаен антологиски филм во богатиот негов опус е и „Ерин Брокович“ (2000) на режисерот Стивен Содерберг, кој на Џулија Робертс ѝ донесе 3 големи награди, меѓу кои и Оскарот.

Како што посочи Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмските професионалци, ИФФК „Браќа Манаки“ е најзначајниот проект на ДФРМ истакнувајќи дека четиридеценискиот јубилеј е импознатна бројка. „Во годината кога славиме јубилеј на фестивалот, а идната година ќе одбележиме 70 години на ДФРМ, може да кажам дека конечно спласнаа сите оние контрадикторности и антагонизми кои во нашата фела беа присутни со децении. Сметам дека за целиот конгломерат на институции поврзани со филмот, а тука мислам и на филмската критика, почнуваат да дуваат поволни ветришта и дека македонската кинематографија оди во позитивен правец. Таа добива сопствен облик и специфика и слика пред светот, со која ќе се претставува во годините што доаѓаат“, рече тој.

Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, пак, истакна дека подготовките за јубилејното издание се интензивни и рече дека годинава терминот на фестивалот е поместен заради совпаѓањето со фестивалот во Сан Себастијан и можноста повеќе филмски критичари и новинари, особено од регионот, да можат да го проследат „Браќа Манаки“.

На прес-конференцијата беше пуштена и видеопораката на Лакман, кој се заблагодари на наградата и рече дека тоа за него значи уште едно поврзување со неговото источно европско потекло. „Во Источна Европа ја најдов уметноста, во Америка животот“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top