Кампањата во финиш – кој подобро го знае патот до ЕУ?

451B12BF-C2EC-4790-9053-7CD88ED14C36_cx5_cy0_cw92_w1023_r1_s.jpg

Пендаровски смета дека влез во ЕУ е најбрз начин државата да застане на свои нозе, Сиљановска – Давкова сака победа за да покаже како се водат евроатлантски интеграции, а Река вели дека главни пречки на тој пат се корупцијата, непотизмот и организираниот криминал.

Влегуваме во финишот на предизборната кампања, а впечатокот во однос на првата третина е речиси неизменет – тројцата кандидати го одржуваат релативно пристојното ниво на агитирање, а партиските претставници се „задолжени“ за скршнувањата од „правиот пат“. „Големата слика“ не е променета ни по централните митинзи на двајца кандидати во Скопје, освен што во соопштенијата од партиите својот митинг се оценуваше како „најмасовен досега“, а оној на ривалите како „големо фијаско“, а не изостанаа ни муабетите за „сендвичите и автобусите со луѓе од други градови“.

Иако темите кои се спомнуваат за време на митинзите, средбите со граѓани, настапите во медиумите се најразлични, па и такви кои не се во надлежност на шефот на државата, во овој преглед сепак најмногу од времето ќе отстапиме за тоа како кандидатите гледаат на македонските евроатлантски интеграции.

Стево Пендаровски, кандидатот на владејачката коалиција, нема дилема кога е во прашање односот спрема ЕУ и НАТО- тој смета дека тоа е единствениот пат кон подобра иднина и, како што нагласува, за останување на младите луѓе во Македонија

„Со влезот во евроатлантските интеграции, тоа е докажано досега кај сите земји – членки, тоа е најбрзиот начин државата да застане на свои нозе, да се крене, да започне со стапки на развој какви што не сме имале досега и конечно да стане дел од тоа европско семејство, кое не само што е безбедно, туку е и богато, во кое живеат луѓе кои се среќни и кои својата иднина ја гледаат во своите земји, не бараат чаре некаде низ белиот свет“, истакнува Пендаровски.

Кандидатот на опозициската коалиција Гордана Сиљановска- Давкова, пак, тврди дека владата само декларативно се залага за евроинтеграции, но оти не знае како треба да го направи тоа. Затоа таа ги повикува гласачите да им донесат победа на овие, а потоа и на наредните парламентарни избори.

„За да може тогаш ние да покажеме како се водат евроатлантски процеси и интеграции, оти како не се изморија од повторување „евроатлантски интеграции, ЕУ, НАТО“. Но тоа се само зборови за нив, реторика. Зад овие зборови нема никаква содржина, никаква суштина и тоа наскоро ќе го чујат. Срамота е ЕУ и НАТО да ги употребуваат како алиби за нивната егзистенција и висок животен стандард“, вели Сиљановска- Давкова.

На средбите со граѓаните кои ги има Блерим Река, кандидат на Беса и Алијансата за Албанците, се зборува за корупцијата, непотизмот и организираниот криминал, како главна причина за губење на довербата на граѓаните и главна причина за масовно иселување од државата. За да биде држава, треба да има владеење на правото. Немаме друга опција, освен ЕУ и НАТО, а корупцијата и невработеноста мора да запрат, нагласува Река.

„Само владеењето на правото во една вистинска Република ќе го искорени управувањето на олигарсите и ќе го врати владеењето засновано на отчетност. Судбината на овој народ не може да остане заложник на поединецот, коj и да е тој“, додава Река.

Во прегледов уште ги издвојуваме и ветувањето на Сиљановска- Давкова дека како претседател ќе има неколку обраќања годишно пред Собранието, пораката на Река дека е дојдено времето за претседател Албанец, затоа што и Албанците се граѓани на оваа земја, како и критиките на Пендаровски за еден рекламен спот на опозицијата, за кој рече дека е на многу ниско лично ниво, оди на дисквалификации и навреди, што според нивото на примитивност не е забележано во поновата македонска политичка историја.

Благоја Кузмановски

(Радио Слободна Европа)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top