ИТ секторот бара власта да спроведе законски промени

it.jpg

ИТ индустријата бара од властите измени на неколку закони за овој сектор полесно да функционира. Сметаат дека Законот за работни односи е многу строг и потребно е негово либерализирање. Велат дека ИТ кадарот од земјава не си заминува поради висината на платата, таа е добра, но недостасуваат останати привилегии кои насекаде ги уживаат вработените од оваа дејност. Некои од нив се даночните олеснувања, флексибилност при работењето, едукација, социјални придонеси и слично.

„Мораме да го задржиме чекорот на развој со останатите држави во светот. Едноставно, економијата не почитува граници. Како што знаете, секој млад човек кој ќе излезе од Електро-факултет, ја има шансата да замине од државата. Нашата цел е да ги задржиме тука…“, рече Александра Чавдаревска Лазова – МАСИТ.

И земјите од регионот се соочуваат со слични проблеми. Платата во Хрватска на еден програмер се движи од 1.500 до 2.000 евра, зависно од компанијата, но во секторот мора постојано да се инвестира.

„Ние многу вложуваме во едукација на вработените. На тоа гледаме како инвестиција или на крајот како даночно олеснување. На тој начин гледаме како да ги задржиме младите луѓе и вработените во ИТ индустријата во Хрватска“, рече Дејан Гостимир, Експерт по менаџмент од Хрватска.

Минатиот викенд од Владата најавија дека млади невработени лица до 34 години, ќе може да се пријават на обуки за ИТ вештини кои потоа ќе конкурираат за вработување во овој сектор. За оваа намена од државната каса ќе се издвојат 35 милиони денари, кои според надлежните, се доволни за преквалификација на над 1.200 лица. Но, од ИТ индустријата предупредија дека со ваквите курсеви ќе може да се добие само помошен кадар, а не и напредни позиции, а тоа е профилот кој всушност најмногу недостасува. Во ИТ секторот во Македонија има над две илјади компании во кои работат речиси 15 илјади лица. Целокупниот бизнис се проценува на околу една милијарда евра.

Иле Петревски

(Alsat M)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top