ИСЕЛУВАЊЕТО СКАПО ЌЕ НЕ ЧИНИ: На Македонија и недостигаат градежници, ИТ инженери, рудари

.jpg

Германија, Словенија, Малта, Хрватска, и многу други земји ги ангажираат квалификуваните македонски работници, кои пак фалат на домашниот пазар на труд.

Од германската амбасада неодамна посочија дека годишно околу десет илјади работни визи делат на граѓаните од Македонија. Немаат информација колку граѓани од Македонија работат на црно во Германија.

Откако иселувањето се засили, во многу сектори фалат способни работници кои си ја знаат работата и можат да се носат со предизвиците.

„Сите сектори доживувале удар од појавата на иселување и недостиг на работна сила, затоа сметаме дека образовниот систем е многу битен затоа што недостатокот на работна сила е предизвикуван исто така и од неусогласеност на вештините на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Секторите кои се најзагрозени се преработувачката индустрија, IT секторот, градежништво, земјоделство, рударство итн. СКСЗМ одамна ја има претставена идејата за увоз на работна сила, истакнувајќи ја важноста за олеснување на процедурите за увоз на работна сила од странство, модел кој во Албанија веќе се применува, и според Глобалниот Индекс на Конкурентност Албанија е прва во светот за најлесен пристап на работна виза од страна на увезената работна сила“, велат од Стопанската Комора на Северо Западна Македонија.

Додаваат дека наоѓањето на работна сила веќе долго време претставува проблем за бизнисите во земјата. Според нив, иселувањето презема масовни пропорции последните години особено откако неколку држави на Европска Унија воспоставија политики кои ја олеснуваат процедурата за добивање работна виза.

„Иселувањето е најголем фактор за недостигот на работната сила, но не е единствениот. Ние како СКСЗМ сметаме дека треба да се работи на долгорочен план и визија со цел да се дојде до ситуација каде нема да има дефицит на работна сила, започнувајќи со правната држава и функционалноста на институциите, реформи во образовниот систем и паралелно економскиот развој и раст во норми што ќе доведат стабилност и чувство на сигурност кај бизнисите и граѓаните“, наведуваат од СКСЗМ.

Анкета направена пред неколку години покажа дека повеќе од 80 проценти од младите луѓе oд ех-ју републиките без размислување би заминале во потрага за подобар живот на запад.

Според податок објавен во 2017 година, годишно 40.000 Македонци мигрираат во Западна Европа, а со тоа земјата губи население колку цела една општина. Во Европа ценети и платени се занаетчиите, кои месечно можат да заработат и до 4.000 евра.

Сања Атанасовска (Фактор)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top