Интервју со италијанскиот амбасадор Ромео: Македонија ги има сите адути за отворање преговори со ЕУ

-ромео1-696x468.jpg

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео вели дека Северна Македонија и Албанија реално беа подготвени за датум за преговори со ЕУ уште во јуни 2018 година, но дека на министерскиот состанок во Луксембург мораше да дојде до компромис. Во разговорот за „Независен весник“ тој нагласува дека кај него не постои дилема дека нашата земја ќе добие јасна и конкретна одлука во октомври за датум за преговори. Според него, добриот договор помеѓу мнозинството и опозицијата за иднината на СЈО и за случаите за кои се започнати истраги, би можел да има позитивно влијание врз оценката на ЕУ во октомври.

 

Господине амбасадоре, македонската јавност во голема мера е во конфузија по министерскиот состанок во Луксембург. Дали вистинската причина за одложување на одлуката е поради технички причини (фамозната седница на Бундестагот) или тоа на некој начин е одраз на заморот околу проширувањето во европската јавност?

„Збунетоста“ на македонското јавно мислење, како и одредениот степен на разочараност се разбирливи. И поради германското парламентарно воздржување, на Советот во Луксембург мораше да се дојде до компромис, до точка на рамнотежа на ставови помеѓу многубројните земји членки, вбројувајќи ја и Италија во првите редови меѓу оние кои беа подготвени уште веднаш да ги започнат преговорите за приклучување на Северна Македонија и Албанија (реално гледано, беа подготвени уште во јуни 2018!) и оние неколку земји на ЕУ кои продолжуваат да манифестираат недоумици (често и заради внатрешно политички причини). Сепак, постои и еден позитивен и охрабрувачки знак што би сакал да го потенцирам: заклучоците на Советот се експлицитни, во еден комплексен контекст, затоа што заклучно со октомври треба да се донесе „јасна и конкретна одлука“, а Северна Македонија ги има сите адути за да добие „јасна“ и „конкретна“ одлука за отворање на пристапните преговори.

Италија беше еден од потписниците на изјавата на 13 земји во која се бараше одредување датум за Македонија и Албанија. Какви се вашите информации – зошто овие земји не успеале да ги убедат државите од Западна Европа?

Италија, заедно со Словенија и Полска, беше таа што ја промовираше т. н. Декларација на ЕУ-земји во прилог на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, кон која понатаму се приклучија и други земји. Дозволете ми да додадам дека на таа тема не постои некаква „географска“ поделеност помеѓу земјите на ЕУ ниту, пак, некаков „неуспех“ на 13-те земји. Всушност, како што и кажав, сè остана на ланските ставови, со едно мнозинство земји (меѓу кои и Италија) во корист, и помалку други земји кај кои преовладуваат недоумици за кои се надеваме дека ќе бидат надминати до крајот на октомври, постигнувајќи со тоа поголемо единство внатре во самата ЕУ.

Како што изјави во самата прилика италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Моаверо Миланези, италијанската позиција е дека започнувањето на преговори е „физиологија“ во која се влегува со земји кои сакаат да бидат кандидати, како Северна Македонија и Албанија. Италија верува дека нема потреба премногу да се издолжуваат „претсобјата“ пред започнувањето на пристапните преговори.

Италија е веројатно клучниот сосед на Албанија, иако двете земји ги раздвојува море. Дали италијанската влада ќе остане на ставот, кој многупати досега го искажа, дека двете земји, Македонија и Албанија, мора во група да добијат датум за преговори.

Италијанската позиција отсекогаш била јасна и транспарентна: ние сме за чекорење кон европска интеграција на Северна Македонија и Албанија и тоа преку започнување на преговорите со ЕУ што е можно побрзо. Ова е став кој се базира врз нашите цврсти билатерални односи со двете земји, врз значајната заедничка историја, но се работи и за позиција која внимава на стабилноста на двете земји и, на крајот, на целиот балкански регион, на неговиот пат кон демократските реформи, социјалниот и економскиот развој, како и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Во една ваква перспектива, преговорите со ЕУ претставуваат најдобра гаранција за сето тоа да се реализира.

По сето ова, Италија ја споделува позицијата на Европската комисија заедно со многу други земји членки. Впрочем, заклучоците на луксембуршкиот Совет се идентични за Северна Македонија и за Албанија.

Дали Европската Унија полека се откажува од една од своите главни политики – проширувањето. Црна Гора преговара веќе седум години, Србија пет. Крајот на овие процеси е невозможно да се одреди. Хрватска, на пример, преговорите ги заврши за шест години, а многу порано, Словачка за само две години. Дали барањата на ЕУ стануваат сè потешки или земјите од Западен Балкан се толку многу неподготвени.

Проширувањето останува фундаментална политика на ЕУ. Како што изјави италијанскиот претседател на Советот на министри Џузепе Конте, на 19 јуни во парламентот во самиот пресрет на Европскиот совет, тоа е „процес што Италија традиционално го поддржува затоа што веруваме дека е важен двигател за промовирање на мирот и стабилноста, просперитетот и безбедноста и во нашето соседство, од геостратешки интерес за целиот континент“. Заради тоа: „Најважно е да се сочува кредибилитетот на процесот на проширување и со одржување на поддршката кон понатамошниот прогрес на Србија и Црна Гора во пристапните преговори и со дејствување со цел до крајот на октомври да се добие позитивна одлука кон отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија“.

Едно од клучните прашања во процесот на проширувањето на ЕУ е дали земјите кандидати треба да исполнат апсолутно сè пред да станат членки или членството во ЕУ треба да биде моделот со кој треба да се заврши она што општествата поради својот помал капацитет не можеле да го завршат за време на преговорите.

Процесот на проширување е најдобрата гаранција за демократскиот прогрес на земјите кандидати и нивното приспособување кон вредностите врз кои се базира самата ЕУ. Истовремено, тој е и мерач на кредибилитетот на ЕУ во еден регион, како на пример, Западен Балкан, кој и онака историски и културолошки ѝ припаѓа на Европа и на кој му се дадени значајни ветувања.

Секако, како што нагласи министерот Моаверо Миланези, за време на преговорите за пристапување неопходно е да се биде крајно строг, ригорозен и да се држи до основните точки кои ја сочинуваат базата на консултациите за влез во ЕУ на начин што ќе доведе до стекнување со сите неопходни елементи, пред сè кога се работи за реформите за да се стане конечно земја членка на Европската Унија.

Ако Македонија не може да добие датум за преговори по Преспанскиот договор, како тоа може да влијае врз Србија и Косово да најдат решение за нивниот спор.

Преспанскиот договор претставува еден историски договор кој е поздравен со голем аплауз од страна на целиот свет. Благодарејќи на него, но и на политичката храброст тој да биде финализиран, Северна Македонија стана позитивен модел во регионот и во Европа. Поради тоа, брзото започнување на преговорите за пристап на Скопје и Тирана, би испратило – како што потсети и премиерот Конте – сигнал за „силно внимание на Европа кон целиот регион, обновувајќи го еланот кон европската перспектива и на двете земји“, придонесувајќи на тој начин да се избегнат девијации во однос на интеграциското чекорење но и во однос на перспективата за поголема балканска стабилност.

Италијанските обвинители дојдоа во Скопје за да го споделат нивното искуство во борбата против организираниот криминал и корупција. За каква помош се работи? Само за делење искуство (совети) или, пак, и друга институционална помош?

Правната и полициската соработка помеѓу Италија и Северна Македонија е веќе на одлично ниво. Минатиот февруари, со посетата на претседателот на италијанската Национална агенција за борба против корупцијата (АНАК), Рафаеле Кантоне, и пред некоја седмица на директорот на италијанската полиција, Франко Габриели, и на националниот обвинител за гонење на мафијата и тероризмот Федерико Кафјеро де Рахо, создадени се сите најдобри услови за понатамошно зајакнување на нашите тесни врски на полето на борбата против организираниот криминал, меѓународниот тероризам и корупцијата, и преку неодамнешното потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Националната дирекција за гонење на мафијата и тероризмот и македонското републичко јавно обвинителство; исто така, ќе следува и меморандум за соработка помеѓу италијанската Националната агенција за борба против корупцијата и македонската Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Се работи за конкретни форми на тесна соработка кои Италија, благодарејќи на сопственото ценето искуство, ѝ ги нуди на Северна Македонија во полиња од круцијално значење.

Амбасадоре, дали постои некој поопшт модел што би можел да се примени во борбата против корупцијата или, пак, тоа зависи од секоја земја поединечно.

Генерално, феномените на корупција не се типични само за една земја, што значи дека секогаш е важно да се земе предвид и локалниот контекст. Истовремено, денес корупцијата е сè повеќе обележана од наднационални карактеристики. Заради тоа, меѓународната соработка за борба против ваквиот феномен е есенцијална. Во рамките на горенаведената посета во Скопје на претседателот на италијанската Национална агенција за борба против корупцијата (АНАК), Рафаеле Кантоне, Амбасадата, заедно со мисијата на ОБСЕ, организираше конференција на која ја претстави АНАК и нејзината работа, „италијанскиот модел“ кој стана успешен благодарејќи на фактот што се базира на гонење, но и на спречување на поправни феномени. И, секако, базирајќи се на независно судство, без кое навистина би било тешко да се спротивставиме на корупцијата.

Иднината на Специјалното јавно обвинителство виси на конец поради одбивањето на опозицијата да се продолжи неговата работа. Колку опстојувањето на СЈО е важно за борбата против корупцијата и криминалот на високите политички структури?

Борбата против корупцијата е од фундаментален карактер и, меѓу другото, македонската Влада уште од почетокот на нејзиниот мандат се користеше со мотото „нула корупција“. Многу е важно да се следат истрагите на СЈО обезбедувајќи ѝ ги на правдата одговорните за корупција. Како? Тоа е одлука што треба да ја донесе Собранието, симбол на демократијата и претставник на волјата на граѓаните. Поради тоа, најсилно посакувам да се подобри дијалогот на оваа тема помеѓу мнозинството и опозицијата и, како што е направено во други значајни сектори (на пр. во случајот на новиот закон за корупција и конфликт на интереси), да се најде еден добар компромис кој, сепак, нема да биде на штета на правдата и на цивилните и кривичните одговорности.

Дали недонесувањето на законот за СЈО може да влијае врз одлуката на ЕУ за одредување датум за преговори?

Да се приведат при крај истрагите и да се достават одговорните за корупција на правдата е темелна потреба за самата земја, отаде преговорите за пристап кон ЕУ. Правдата и почитувањето на законот и на јавните добра е одговорност што ја очекуваат македонските граѓани. Подвлекувајќи дека ниту Европската комисија ниту, пак, Советот во Луксембург зацртале нови услови за Северна Македонија, сметам дека добриот договор помеѓу мнозинството и опозицијата за иднината на СЈО и за случаите за кои се започнати истраги, би можел да има позитивно влијание врз оценката која е веќе позитивна за земјата и нејзината волја да продолжи да чекори по патот на реформите, чија цел е да се достигнат основните вредности на ЕУ.

Љупчо Поповски

(Независен)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top