Изложба на фотографии за џоломарската игра во селата Ресава и Бегниште

.jpg

Изложба на фотографии за џоломарската игра во селата Ресава и Бегниште беше отворена вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Директорката Весна Ѓорѓиева информираше дека на 41 пано се презентирани 80 фотографии, плакати и реквизити.

Автор на изложбата е Томе Крстевски, кустос етнолог при Музејот и таа е резултат на неговите петгодишни научно-истражувачки проекти.

Крстевски рече дека во верувањето кај македонскиот народ посебно важно место има периодот од Божиќ до Водици, од раѓањето на Исус Христос до неговото крштевање. Кај нас овие денови земаат големо значење, најчесто во селските средини, каде се одржуваат обичаи кои имаат длабоки корени. Познати се под името пагански обичаи, односно период исполнет со религиозен страв и разни магиски заштити.

–Се смета дека овие маскирани групи се организираат со цел да ги избркаат лошите духови што шетале во 12 некрстени денови од Божиќ 7 јануари, па до Богојавление 19 јануари. Се е во контекст на раѓањето на Исус Христос и неговото крштевање кое се случило на 13-годишна возраст. Според народните верувања, тогаш шетаат разни вештерки, вампири, чума, колера и слично. Исто се верува дека и водата е опседната од овие духови, таа е леунка-немоќна некрстена, крстот е врзан и нема сила во овие денови да помогне да ги прогони, нагласи тој.

Нивните ритуални игри, додаде, се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магиски дејства, кои имале за цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува, како во семејството, така и на земјоделските површини.

Преку изложбата е прикажан обичајот во трите негови фази. Подготовка на маската, централен и завршен дел на обичајот – се со своја симболика, од почеток до крај. Користени се фотографии од Тоше Огњанов, Цветанка Темкова Илова, Сашко Илов, Јадран Манчев и фотографии од архивите на двете џоломарски групи.

За џоломарската игра, обичаите под маски и слично, во шеговита форма, присутните слушнаа од актерот Диме Коцевски. Тој прочита хумористична творба од Илија Неделков Ограјски, насловена „Џоломар”.

Дел од џоломарската група од селото Ресава, изведе перформанс. Изложбата се реализира со поддршка од градоначалникот и Совет на општина Кавадарци.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top