Изложбата „Сè што ни е заедничко“ на МСУ Скопје, во Музејот за современа уметност во Солун

.jpg

“Сè што ни е заедничко” е основното мото во делата на 14 уметници од Југоисточна Европа во рамки на изложбата организирана од Музејот на современата уметност – Скопје, која ќе се отвори во среда, 17 јули во 20.00 часот во МоМУС – експериментален центар за уметност во Солун.

Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа.

Видео, сликарство, фотографија и инсталации се медиумите кои се користат за да се подигне свеста за општата опасност и да нѐ натера да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели.

Куратори на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова од Музејот на современата уметност – Скопје.

Во изложбата се претставени делата на уметниците Ана Адамовиќ (Србија), Лучезар Бојаџиев (Бугарија), Флака Халити и Албан Муја (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу и Антонис Питас (Грција), Рената Полјак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција), Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски (Северна Македонија).

Изложбата “Сè што ни е заедничко” е соработка помеѓу двата музеи како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот, Европа и пошироко. Музејот на современа уметност во Скопје на крајот од септември 2019 година ќе биде домаќин на изложба на дела од колекцијата од Музејот на современата уметност МоМУС од Солун.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 септември 2019.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top