Изборните резултати – жешка предигра за вториот круг

192149CA-BCFE-462E-80E3-B25F59F0DE1C_w1023_r1_s.jpg

Ниската излезност, како и полошиот перформанс на власта во урбаните средини, особено во Скопје, е отрезнувачка порака за власта од граѓаните, велат аналитичарите. Тие и натаму се скептични за достигнувањето на цензусот во вториот круг.

Слабиот одзив и тесниот изборен резултат е порака на граѓаните до политичарите дека се незадоволни и од власта и од опозицијата, велат аналитичарите на ден по изборите.

За споредба со претходните претседателски избори од 2014 година, кандидатот на власта за претседател Стево Пендаровски освои 323 илјади гласови што е за 2 илјади помалку отколку што освои пред пет години на избори кои СДСМ жестоко ги критикуваше како нефер.

Неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова со освоени 319 илјади гласови доби за 130 илјади помалку гласови од тоа што го освои претседателот Ѓорѓе Иванов во првиот круг во 2014.

Ниската излезност, а и полошиот перформанс на власта во урбаните средини, особено во Скопје е порака дека граѓаните иако можеби го поддржуваат генералниот правец во кој се движи државата, не ја поддржуваат динамиката со која се спроведуваат реформите, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„И тоа е една отрезнувачка порака за власта која сега треба да ги удвои своите напори ако сака да ја задржи предноста која ја имаше на претходните парламентарни избори. Недостатокот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ кажува дека луѓето не би сакале да ја сменат прозападната ориентација во која се движи државата, но исто така не се задоволни од брзината со која тоа се случува“, вели Арсовски.

На локалните избори пред година ипол, СДСМ во главниот град освои 26 илјади гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ имаше дополнителни 17 илјади гласа. Сега, Сиљановска – Давкова во Скопје има благо водство пред нејзиниот противкандидат Пендаровски. Тој во Скопје освои 35 илјади гласови помалку отколку СДСМ во 2017 на гласањето за советнички листи, а ако се додадат и гласовите на ДУИ кои му ја поддржаа кандидатурата тогаш е покус за над 50 илјади гласови. Сиљановска – Давкова во главниот град оствари резултат за 9 илјади гласа послаб отколку партијата која ја поддржа на локалните избори. Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, пак е за 6 илјади гласа послаб од збирот на гласовите на овие две партии пред година и половина.

Иако ниската излезност е карактеристика на речиси сите претседателски избори, сепак тоа што власта освои помалку гласови од минатите избори покажува незадоволство на граѓаните од неа, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.

„Една силна порака од граѓаните до владејачките партии е дека ветеното на изборите во 2016 и на локалните во 2017 не е испорачано и гласачите не се задоволни од владеењето на овие партии“, вели Незири.

Скептични за цензусот

По тесните резултати во првиот круг, очекувањата за вториот се дека цензусот ќе биде проблематичен.

„Имајте предвид дека цензусот, ако перформансите на двете најголеми македонски партии останат исти, ќе зависи од гласачите на Река. Ако барем една третина од тие гласачи одлучат дека нема да излезат во вториот круг, имајќи предвид дека нивниот кандидат не се пласирал, тогаш цензусот нема да биде достижен,“ вели Арсовски.

Незири вели дека тие што гласале за Река, тоа го сториле затоа што е Албанец, а не за неговиот концепт, па се сомнева дали во вториот круг тие гласачи би биле доволно мотивирани за да излезат и повторно да гласаат.

Вжештена атмосфера во вториот круг

Кампањата за првиот круг помина во релативно пристојна атмосфера, без поголеми оцрнувања меѓу противкандидатите, додека партиските лидери водеа поагресивна кампања.

Незири вели дека во вториот дел од кампањата нема да има големи митинзи и дека нема да биде насочен многу кон привлекување на неопределените гласачи, туку кон преговори и договори со партиите кои го поддржуваа Река.

„Гласовите на Река и на оние кои се двоумеа дали да излезат и на крај се одлучија да не излезат на гласање мислам дека ќе бидат таргет за двајцата кандидати. Трката ќе биде жешка до самиот ден на гласање, а резултатите ќе бидат тесни, кој и да победи нема да победи со голема разлика,“ вели Незири.

Арсовски, пак вели дека ако партиските штабови донесат одлука дека црната кампања била таа која влијаела одѕивот да биде помал, тогаш може да се очекува посмирена кампања во вториот круг, но, како што вели, високите тензии и тесниот резултат ќе ги натераат партиските штабови да бидат поагресивни, а тоа може да резултира и со негативна кампања.

Зорана Гаџовска Спасовска

(Радио Слободна Европа)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top