Започнува фестивалот на светлината Skopje Light Art District 2019

Skopje-Light-Art-District-Map-960x1371.jpg

Денес започнува четиридневниот меѓународен фестивал на светлината Skopje Light Art District 2019.

Дваесет и шест светлосни уметници на 18 локации на посетителите ќе им ја пренесат магијата и уникатноста на светлосната уметност, карактеристична за светските и европските метрополи.

Организаторот на фестивалот, директорот на ЈУ Универзална Сала – Скопје, Филип Аврамчев, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и уметничкиот директор на фестивалот, Александра Стратимировиќ, го најавија почетокот на фестивалот.

„Годинава патеката почнува во Куршумли Ан и завршува во Градскиот Парк. По пат имаме 18 инсталации, перформанси, театри и завршуваме со 3Д мапинг натпревар на фасадата на зградата МЦМ. Таму ќе настапат 9 видео артисти и ќе се борат за гран при наградата, ‘Златко Славенски’“, изјави Филип Аврамчев, директор на Универзална Сала и организатор на фестивалот.

Следејќи ја “патеката“, од Куршумли Ан во Старата чаршија, преку кејот на Вардар, сѐ до Градскиот Парк, заинтересираните ќе можат низ прошетка да ги видат светлосните митски чудовишта, осветлените дрва, 3Д видео проекциите и уште многу други светлосни инсталации.

“Ова е можност за граѓаните во периодот од 29-ти мај до 1-ви јуни да имаат едно уникатно доживување исполнето со многу бои, а отворањето е резервирано за 20 часот и Куршумли Ан“, рече Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Имајќи го предвид меѓународниот карактер на фестивалот, оваа година за уметнички директор е назначена Александра Стратимировиќ, светлосен уметник од Шведска со потекло од Србија.

“Ме радува тоа што преку еден отворен повик добивме многу интересни и занимливи дела и сепак на крајот, успеавме да направие селекција која ќе биде поставена на 18 локации низ градот“ додаде Стратимировиќ.

Фестивалот на светлината Skopje Light Art District е во организација на ЈУ Универзална Сала – Скопје, со поддршка од Град Скопје и РОЦК проектот, каде градот Скопје на културно ниво е збратимен со уште 9 градови од Европа. РОЦК проектот е дел од Хоризонт 2020 програмта на ЕУ за истражување и иновации.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top