ЕУ и Северна Македонија: Прекршување на дадениот збор

.jpg

На Балканот му е потребен нов почеток – е насловот на текстот во швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“, кој меѓу другото се осврнува и на „нечувствителниот“ однос на Европската Унија кон Северна Македонија.

„Европската перспектива, која на Балканот му беше ветена во Солун во 2003 година за земјите од регионот, останува токму тоа: перспектива. Пристапните преговори со Србија и Црна Гора се одвиваат со брзина на полжав, а останатите земји стојат надвор, далеку пред вратите на ЕУ“ – ова е воведната констатација во текстот на новинарот на Ноје цирхер цајтунг (НЦЦ) , Андреас Ернст, кој е добар познавач на ситуацијата на Западниот Балкан. Тој надополнува дека ваквата ситуација предизвикува фрустрација во регионот. Авторот во продолжение ги анализира постапките на самитот на Унијата во јуни, на кој Албанија и Северна Македонија не добија датум за почеток на пристапните преговори. Притоа се оценува дека односот кон Северна Македонија – земјата доби ново име благодарение на компромисот со Грција – бил уште понечувствителен од оној кон Албанија:

„Договорот за промена на името, по три децении спор, беше постигнат во прв ред поради ветувањето дека земјата потоа ќе може да започне пристапни преговори. Бриселската дипломатија се ангажираше и и самата замижа на едното око кога парламентарната потврда на договорот од Преспа во Скопје беше изведена со уцена на некои пратеници. Брисел го фалеше договорот за името како историски. Но кога на самитот во јуни дојде денот за наплата за Северна Македонија, Французите беа против отворањето на пристапните преговори. И

Холанѓаните сметаа дека е премногу рано, а Германците пак рекоа дека имале премалку време да го простудираат соодветниот извештај за напредокот. Тука слободно може да се говори за прекршување на дадениот збор.

Но лелекањето не помага. Впрочем, факт е дека чекорите на проширување се можни само со консензус на земјите членки и проинтеграциски настроената Еврокомисија тука има само ограничено влијание. Она што се инсценира како меритократски процес – односно дека реформите на земјите кандидати се хонорираат со напредок во интеграциите – е всушност високополитичко калкулирање, при кое владите на земјите членки пред очи ги имаат пред сѐ своите гласачи. А тие, со исклучок на некои источноевропски земји, се скептични до негативно настроени кога станува бор за проширувањето.

И бидејќи тоа е така, европските политичари измислуваат разно-разни заменски програми како ‘Берлинскиот процес’, кои со својата активност всушност го прикриваат застојот. Се одржуваат конференции, се даваат ветувања за реформи, се говори за инфраструктурни и проекти за помирување кај младите. Сето тоа меѓутоа во голема мерка останува без резултат“, се вели во текстот на НЦЦ, во кој натаму се истакнува:

„И во политиката има моменти во кои помага искреноста. Еден таков момент е дојден и за политиката на ЕУ кон Балканот: Во догледно време, имено, нема да има проширување кон Западниот Балкан. За тоа недостасува политичка волја во ЕУ, која силно се занимава самата со себе. Но недостасува и на страната на кандидатите, кои само ограничено стремат кон вистински реформи. Иако во некои земји има определен напредок, сепак во многу области недостасува волја за промени […] Она што го гледаме е цинична игра: ЕУ се претставува како да сака да ги прифати кандидатите, а тие пак се прават како да се подготвуваат за тоа. Двете страни си ги проѕираат постапките и знаат дека се проѕрени“, истакнува авторот кој потоа прашува што да се прави во една ваква ситуација.

Според него, најлошата опција би било да се продолжи како досега, бидејќи веродостојноста е ограничен ресурс во ваквите односи и е под закана наскоро целосно да биде исцрпена:

„Наместо тоа, сега треба да се зборува за нови модели на интеграција, кои се спроведливи за години а не за децении. Цел остварлива во догледно време е важна за влијанието на Европејците во регионот повторно да се зајакне. Подобро врапче во рака, отколку гулаб на дланка. Брзо остварливо делумно пиврзување посилно мотивира од далечно несигурно полноправно членство. Така може да се ограничи и влијанието на другите сили на Балканот, Кинезите, Русите и Турците, кои сега профитираат од дупката во веродостојноста на ЕУ“, се вели меѓу другото во текстот на Ноје цирхер цајтунг.

DW.COM

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top