Експертите бараат итно да се намали бројот на јавната администрација

k4k8cil86ryktxdms1df.jpg

Административните службеници или народски кажано државните чиновници во земјата треба да се намалат за околу 3 000, смета професорот Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан прави“. Нема оправданост за вработување на нови административни, посебно што во државата имаме 1700 службеници кои влегоа во држава служба според рамковниот и земаат плата, а немаат работно место. Во изминатите три години во пензија отишле 850 службеници кои се заменети и надополнети со нови, но нема податок што точно работат тие.

„Во наредните три години се очекува ушѕе 1100 да заминат во пензија. Нека се направи некаков план на вработување во наредните 5-6-7 години од 16 500 да се симне на 13 000 вработени во овој дел. Нам ни требаат даватели на услуги, а бројот на класична администрација нема потреба повеќе да расте. Треба да се рационализира, но не преку нагло отпуштање туку преку внимателно кадровско планирање.“ – изјави Драган Гоцевски, универзитетски професор.

Гоцевски смета дека новите вработувања во градинките, здравството и социјалата се оправдани, но треба да сопрат вработувањето во војската и полицијата се додека не се измериме дали има пад на криминалитетот во државата. За Гоцевски проблематично ќе биде и новоформираното Министерство за политички системи кое ќе ги преземе вработените од Секретаријатот за рамковен.

„Ново министерството кое од старт ќе има околу 1700 вработени, а не знаеме точно со која цел ќе се занимава. Би требало да ја разгледаме кадровската структура на тоа министерство. Нема да се зголеми бројот на вработени, зашто тие ќе се преземат, веќе се вработени, туку да се направи функционална анализа да се види која е целта на 16-то министерство“ – вели Гоцевски.

Просекот на платите на администрацијата се движи меѓу 21 000 и 23 илјади денари и се уште е примамлива за поголемиот број на граѓани. Министерот Манчевски веќе објави дека бројот на вработените во јавниот сектор за една година се зголемил за над 3 илјади, па администрацијата сега брои 132 000 лица.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top