Државниот врв го доби извештајот: Земјава да не биде само колекционер на позитивни извештаи и препораки

IMG_20190529_154341-1024x640.jpg

Земјава си ја сработи домашната работа – време е европа да го исполни ветеното и преговорите да почнат – државниот врв единствен во ставот дека Унијата мора да го одржи зборот особено поради фактот што Македонија ги исполни сите критериуми, препорака 10 по ред е најчистата до сега. Шефот на државата предупреди кои би биле последиците од останувањето повторно во европската чекална.

Се надевам дека Република Северна Македонија нема да биде само колекционер на позитивни извештаи и дека ќе добиеме во јуни датум за преговори. Секое дополнително одложување ќе биде демотивирачко и ќе биде поттик за антиевропските политичари“, рече Стево Пендаровски.

Премерот пак ја потсети Унијата за минатогодишниот договор, кога земјава доби условен датум.

„Ни беше речено испорачајте вие, ќе испорачаме и ние. Ние знаеме дека реформите ги правиме за нашите граѓани. Покажавме политичка зрелост и ЕУ манири. Подготвени сме за отпочнување на преговори, тимот наскоро ќе биде докомплетиран, а подготвени сме и технички за подготвителниот скрининг“ – рече Зоран Заев, претседател на Владата.

Собранискиот спикер во двојазична изјава се пофали со дијалогот меѓу власта и опозицијата за реформските закони, но и за функционалноста на законодавниот дом и ја потсети Европа на нејзините заложби.

„Во тој контекст, очекуваме овој Извештај да биде дополнет со она што е одлука на ЕУ  за определување датум за отпочнување на претпристапните преговори, со што уште еднаш ќе докаже дека ЕУ си стои на определбата за отворени врати за проширување“ – рече Џафери.

Евроамбасадорот Жбогар само повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите, а на власта и порача дека има што уште да се направи во реформите. Пораките од државниот врв не ги слушна лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој на евроамбасадорот му порачал дека вратата на белата палата му е отворена.

Сепак опозиционерите не бојкотираа, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никала Мицевски и Благица Ласовска во претседателската вила, заедно со останатите лидери на парламентарните партии, Ахмети, Касами и Села, но и координаторите на пратеничкитегрупи и потпретседателите на Собарнието и претставник од Врховниот суд.

Ова е прв пат во ваков формат евроамбасадорот да го презентира извештајот за напредокот. До лани, секогаш извештајот се носеше во секоја институција посебно. Во вилата на Водно и денеска не беа дозволени новинарски прашања. Од кабинетот на Пендаровски велат дека таков бил протоколот, а тоа стоело и во најавата на настанот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top