Државата нема капацитет да ги спроведе препораките на УНЕСКО

ohrid.jpg

Ако Охрид во Баку добие статус на светско наследство во опасност, државата и УНЕСКО ќе изготват план со мерки за заканите врз регионот. Но, активисти велат дека земјата ги крие од УНЕСКО вистинските бројки за дивоградбите и според нив на тој начин нема да биде постигнат посакуваниот резултат.

Листата со 1076 нелегални градби кои ги констатирала Општина Охрид ќе ја презентира владината делегација од Македонија на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, по што ќе треба да биде направен план за спороведување на препораките на организацијата на Обединетите нации.

Но, активисти за заштита на животната средина посочуваат дека оваа бројка што се презентира е нереална и план направен врз основа на тие податоци нема да значи вистинско подобрување на состојбата во Охрид.

Активисите велат дека според досегашните препораки на УНЕСКО, во оваа листа треба да бидат вклучени сите нелегални градби во Охридскиот регион, но според нив властите со ова и со сите досегашни активности „креираат илузија“ за Охрид која резултира со невистинити мерки и актвности кои доведуваат до уништување на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија.

„Само ако се погледне извештајот за имплементација на Законот за легализација на дивоградби од страна на Народниот правобранител изготвен во 2015 година, ќе се увиди дека само во Општина Охрид испратени се над 11.000 барања за легализација на дивоградби, што значи дека постои многу поголема бројка од онаа што е понатаму регистрирана од стана на Општината“, вели Александра Бујароска – правник за животна средина од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Неколку дена пред сесијата на УНЕСКО во Баку, беше соопштено дека инспекциските служби во Охрид констатирале нелегална градба кај 1076 предмети, од кои 409 во заштитениот појас на крајбрежјето на Охридското Езеро, во Националниот парк Галичица и стариот дел на градот, според новиот Регистар за нелегални градби на територијата на Општина Охрид во периодот од 2006 до 2019 година. Како што е наведено, регистарот бил изработен согласно препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

Во Баку замина владината делегација во состав на министерот без ресор Едмонд Адеми, заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, каде ќе дискутираат за состојбата во Охрид, а владината прес служба соопшти дека тие ќе го нагласат и афирмираат ставот дека Владата „е комплетно посветена на зачувување на статусот на Светското културно наследство на Охридскиот регион.

„Да се обидуваш да донесеш закони во последен момент, да се обидуваш да направиш регистар на дивоградби на крајбрежјето или да не исполниш најмалку 15 од 19 одлуки што УНЕСКО уште пред две години ни ги достави, не знам каде е посветеноста, и на локалната власт и на централната власт, на проблемот со УНЕСКО“, вели професор Трајче Талевски од граѓанската организација „Охрид СОС.“

Во јуни 2017 година УНЕСКО ги даде препораките кои се однесуваат на крајбрежната и урбаната трансформација, а февруари 2018 година беше првичниот рок за нивно исполнување.

Граѓанските организации потенцираат дека властите работеа спротивно од она што го бараше УНЕСКО и сега во Баку стои можноста Охрид да добие статус на светско наследство во опасност.

Тие велат дека општините, Министерството за транспорт и врски и сите кои имаат некаква улога во градење инфраструктура и уредување на просторот, продолжуваат да работат спротивно на она што УНЕСКО го побара во 2017 со усвојување на последните препораки: веднаш да се воспостави мораториум и веднаш да се стопира легализацијата на дивоградби на територијата на подрачјето.

Бујароска додава дека друг проблематичен аспект во случајот е што бројка од 1076 дивоградби се однесува само за Општина Охрид, како и дека општината и владата го игнорирале првиот дел од препораките на УНЕСКО од 2017 година за стоприрање на понатамошниот процес на легализација на дивоградби, потоа да се изготви инвентар на дивоградби, да се направат анализи и студии за постапување и да се отстрани се што има влијание врз универзалните вредности.

„Тоа до сега што е направено е дека нема стопирање на процесот на легализација и додека ние зборуваме се уште траат понатамошни постапки за вклопување на овие бесправно изградени објекти, спротивно на препораката, а инвентарот е нецелосен и невистинит, бидејќи не се само илјада градби туку се над 10 илјади градби само во една општина. Тука не се зборува за Општина Струга и за Општина Дебарца, а она што е најстрашно е дека ниту државата не поседува експерти, ниту знае како да ги изготви анализите за како овие илегални градби влијаат врз универзалните вредности врз целиот регион“, вели Бујароска.

Талевски смета дека и покрај декларативната заложба на државата, се уште несериозно се постапува кон проблемот, а како што вели мора да се делува брзо за да се докаже дека земјата има интерес Охридскиот регион да остане под заштита на УНЕСКО.

Во мај оваа година УНЕСКО во најновиот нацрт извештај препорача Охридскиот регион од културно и природно наследство да се стави на листата на загрозено светско наследство, а сега се очекува одлуката во Баку.

Од организацијата на ОН соопштија дека главниот проблем е недоволниот напредок во решавањето на проблемите и постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти.

Според извештајот, малку е направено и за имплементација на приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

„Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, се дел од заклучоците на УНЕСКО.

Сепак, од „Фронт 21/42“ објаснуваат дека ставањето на Охрид на листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО: „напротив значи зајакнување на заштитата“, велат од организацијата потенцирајќи оти токму тоа е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и да се создадат услови за враќање на поволна состојба на вреднсотите.

„Одење на лисата не значи губење на статусот, значи дека советодавните скспертски тела на УНЕСКО составени од врвни светски експерти за природа и културно наследство, директно ќе се вклучат во изработка на посакувана состојба и сет на конкретни мерки“, објаснуваат од „Фронт 21/42.“

Од организацијата додаваат дека „најпатриотскиот чин“ на македонската делегација што може да го направи во Баку е да побара Охрид да биде ставен на листата на светски наследства во опасност и да побара помош од експертите на УНЕСКО.

„За жал, по се што сведочевме од 2017та наваму наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни генерации. Останува да се надеваме дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на Охридскиот регион и ќе ја зголеми неговата заштита со тоа што ќе го прогласи за наследство во опасност“, велат од „Фронт 21/42.“

Владимир Калински (DW)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top