Димитров во мисија на убедување во Берлин

44598561_303.jpg

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре во Берлин со германски парламентарци разговара за европските интеграции на земјата.

„Следниве два дена, клучни средби за нашите европски перспективи! Имаме аргументи, и реформски и добрососедски. Нашиот успех ќе биде успех и за регионот и за ЕУ. Убеден сум во тоа, а ќе ги убед(ув)ам и сите соговорници во Берлин“, напиша вчеравечер на Фејсбук шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Тој денеска и утре е во работна посета на Берлин и разговара со германски пратеници, но и со шефицата на владејачката Христијанско-демократска унија, Анегрет Крамп-Каренбауер. Освен тоа, предвидена е и средба на Димитров со претставници на кабинетот на канцеларката Меркел, која денеска има полни раце работа околу Брегзит и ја пречекува британската премиерка Меј. Утре, заедно со вицепремиерот Бујар Османи, шефот на македонската дипломатија ќе ги брифира членовите на Комисијата за европски прашања во Бундестагот за напредокот и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Унијата, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.

Ставовите на официјален Берлин околу евроинтеграциите во текот на викендот за Дојче веле уште еднаш ги повтори државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, кој исто така ќе разговара со Димитров. Рот рече: „Ние не ги оставаме на цедило луѓето од Западен Балкан“, дотолку повеќе што процесот на трансформација на патот кон ЕУ е „тежок и напорен“ за луѓето. Притоа, Рот не заборави да повтори дека демократијата, правната држава, почитувањето на малцинствата и борбата противкорупцијата се од огромен интерес за Германија и Европската унија и дека тука „не смее да има никаков политички попуст“.Во врска со македонскиот пат кон Европската унија, Рот неодамна во гостински коментар за весникот „Велт“ напиша дека Унијата „мора брзо да почне преговори со Северна Македонија“, зашто кога напорите на земјите кои сакаат да се приклучат се успешни, притоа мислејќи на договорот за името, „тогаш и Унијата треба да испорача“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top