Дарко Божиноски постдокторанд во лабараторијата за вештачка интелигенција на Универзитетот во Брисел

20190321-darko-bozhinoski-28-od-prilep-postdoktorand-vo-laboratorijata-za-veshtachka-inteligencija-na-univerzitetot-vo-brisel-1.jpg

Уште како дете многу се интересирал за математиката и природните науки. Едноставно, уживал во решавањето математички задачи. Интересот кон информатиката и комуникациските технологии се појавил кога имал 18 години, во последната година од средното училиште

Од големата љубов кон математиката, преку тешкиот избор и трансферот кон информатиката, до соработка со најголемите научници денес. Дарко Божиноски од Прилеп има само 28 години, а држи предавања заедно со професори кои се пред пензија. Средношколецот од гимназијата „Мирче Ацев“, кој дипломира на Факултетот за информатика при Универзитетот ФОН, во моментот живее во Брисел и работи како постдокторанд во IRIDIA – лабoраторија за вештачка интелигенција на Université libre du Bruxelles. Ова е неговата приказна.Уште како дете многу се интересирал за математиката и природните науки. Едноставно, уживал во решавањето математички задачи. Интересот кон информатиката и комуникациските технологии се појавил кога имал 18 години, во последната година од средното училиште.
– Одлуката да студирам информатика не беше директна и лесна во тој момент. Не поседував компјутер и не бев свесен за предизвиците што беа пред мене. Тоа многу ме плашеше. Од моите родители имав целосна поддршка да го направам изборот што ми лежеше на срце. Сепак, не беше лесно да направам одлука помеѓу мојата долгогодишна љубов, математиката, и информатиката како нешто што беше прилично ново за мене. Разговарав со мојот професор по математика од средното училиште, кој длабоко го почитував. Тој ми пристапи со голема мудрост и ми помогна да ги разрешам сите дилеми. Неговите совети многу влијаеја врз одлуката да ја прифатам стипендијата на Факултетот за информатика при Универзитетот ФОН – раскажува Божиноски.

Младиот студент активно се вклучил во повеќе проекти. Денес вели дека тоа било од непроценлива важност за неговата кариера. Тој е дециден дека високиот просек не е гаранција за професионалниот успех на еден студент. Помага, но не гарантира.
– Здобивањето вештини и знаења кои можете успешно да ги имплементирате во различни сценарија е единственото нешто што е важно на пазарот на трудот. Тоа е еден од најважните принципи што треба да ги разбере секоја млада личност. Тоа беше мојата стратегија што ми помогна многу пати и ме издвојуваше од преостанатите кандидати во мојата професионална кариера – објаснува Божиноски.

Докторат за мобилни мултироботски системи

Образованието го продолжил на докторски студии во Италија, на Институтот за докторски студии Gran Sasso Science Institute. Во овој период имал можност да помине три месеци на Chalmers University of Technology во Шведска и една година како дел од Fulbright програмата на Carnage Mellon University, каде што имал извонредна можност да работи со еден од најдобрите научници во полето на self-adaptive systems, професорот Дејвид Гарлан.

Неговата докторска теза се однесува на мобилни мултироботски системи кои претставуваат класа на системи составени од множество роботи што работат заедно како тим.
– Тие оперираат во динамична околина која може да биде делумно или целосна непозната за да ја извршат зададената задача. Во мојата теза презентирам формален (математички) пристап кој овозможува адаптација на мултироботските системи во услови на неизвесности кои произлегуваат поради неправилна или непрецизна спецификација на задачи и оние што се појавуваат како резултат на проблем со безбедноста на системот – објаснува Божиноски.

Младиот научник е носител (прв од четворица потписници) на научен труд – еден од двата што на почетокот на годинава беа објавени во списанија со импакт-фактор. Едниот од трудовите носи наслов Managing Safety and Mission Completion via Collective Run-time Adaptation, каде што тимот презентира пристап што се фокусира на адаптација на мултироботски системи балансирајќи го решавањето на проблеми поврзани со самата мисија на системот и неговата безбедност.

Втората студија со наслов Safety for mobile robotic systems: A systematic mapping study from a software engineering perspective е систематска класификација на најсовремени методи и техники (state of the art) кои се користат за заштита на мобилните роботски системи.

Дополнително, на почетокот на годинава првпат бил поканет како почесен гостин и еден од главните говорници на конференција во Пакистан каде што ги презентирал најновите достигнувања во сферата на верификација на сајбер-физичките системи (Verification of Cyber-Physical Systems).

Постдокторанд во лабораторијата за вештачка интелигенција во Брисел

Во моментот нашиот млад научник работи како постдокторанд во лабораторијата за вештачка интелигенција на Université libre du Bruxelles како дел од проект спонзориран од Европскиот истражувачки совет.
– Моите истражувања се дел од проектот DEMIURGE фокусиран на автоматизирање на процесот за развивање контролен софтвер за swarm robots. Мојата задача во проектот е развивање соодветен јазик за спецификација на мисии – објаснува Божиноски.

Весна Ивановска-Илиевска

(fakulteti.mk)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top