Гоце Митевски: Ја дигитализирав „Бушава азбука“ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ

busava-azbuka.jpg

Генерации деца израснаа со неповторливата „Бушава азбука“. Серијата од 1985 година на режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра.

Серијата беше снимена по истоимената книга за која илустрациите ги направи карикатуристот Душан Петричиќ. Во серијата пак, ќе остане запаметена музиката на „Леб и сол“ и вокалот Ана Костовска, и секако врвната актерска екипа составена од имиња како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

Повеќе од 30 години подоцна, на сцената настапува Гоце Митевски. Гоце е дизајнер и софтверски инженер со повеќе од дванаесетгодишно искуство во изработка на визуелни дизајни и сеопфатни кориснички искуства за печатени и електронски медиуми. Благодарение на него, сега имаме дигитализирана верзија на славната книга „Бушава азбука“.

„Ја дигитализирав ‘Бушава азбука’ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ“, вака Гоце ја сподели радосната вест на социјалните мрежи.

Тоа беше повеќе од доволен повод за разговор со него, да ни сподели како се роди идејата и како течеше процесот на работа.

Кога почна да го работиш проектот и со какви предизвици се соочи попатно?

Изработката ја започнав пред околу три месеци. Најголемиот предизвик беше електронскиот медиум и подготовката на содржините за претставување на екран. Потребно беше да се реобмисли нивиот респоред и да се определи како тие ќе се поместуваат во текот на прикажувањето на екрани со различна големина. Исто така, дополнителна работа произлезе и од корисничкото искуство, односно од начинот на којшто презентацијата ќе се користи и прегледува. Дигитализираната верзија на „Бушава азбука“ е „Progressive Web App“, што значи дека може лесно да се снима на мобилни уреди, без да треба да се инсталира како мобилна апликација.

Инаку, дигитализацијата беше направена на наједноставен начин – со скенирање на графичките содржини и препис на текстуалните. Целиот процес на изработка и изворниот код може да се видат на:

https://github.com/gocemitevski/bushava-azbuka.

Зошто баш „Бушава азбука“?

Затоа што сметам дека „Бушава азбука“ е едно од најзначајните дела за македонскиот јазик и македонската култура воопшто. Неопходно и многу важно е овој дел од нашето културно наследство да остане трајно достапен за идните генерации.

Како го реши прашањето со авторските права, што е најчест проблем од правен аспект при вакви потфати?

Авторските права за книгата остануваат на нејзините автори – Горан Стефановски и Душан Петричиќ и тоа е недвосмислено наведено на повеќе места во презентацијата, заедно со забелешката дека станува збор за некомерцијален проект од образовен карактер. Истото се однесува и на видео материјалите коишто се преземени од YouTube. Секако дека и јас поседувам одредени авторски права на програмскиот код, но заради природата на проектот решив тие права да ги пренесам преку отворената лиценца „Creative Commons Attribution-NonCommercial-ShareAlike 4.0 International“.

Сметам дека не би требало да има правни пречки за овие потфати, бидејќи придобивки имаат сите засегнати страни – и авторите чиешто дело станува подостапно и читателите коишто со нетрпение очекуваат многу вакви изданија. Некомерцијалната природа на проектите е клучна и во поинаков случај не би било толку едноставно.

Дали си задоволен од решението на „Бушава азбука“ за твојата буква?

Да, презадоволен… како „Ластовичка која лета по небото, а ние ја гледаме од Земјата.“ 🙂

Кој ти беше омилен дел од серијалот кога беше дете?

Не можам сега да се сетам, но од денешна перспектива „Тасе и Таса“ и „За македонската книжевност“ ми се највпечатливи, иако неблагодарно е да се издвојуваат поединечни делови, бидејќи „Бушава азбука“ едноставно е ремек-дело.

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА (Кајгана)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top