Годишна изложба на делата на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

rodoljub.jpg

На 20-ти декември (петок) во 19.00 часот, во Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје, ќе се отвори Годишната изложба на дела од Родољуб Анастасов од колекцијата на Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов”, Музеј на град Скопје.
На изложбата ќе бидат презентирани 30-ина ликовни дела кои потекнуваат од различни временски периоди (од 1959 до 2005 год.) и припаѓаат на неколку различни циклуси од творештвото на Анастасов. Тоа се слики од циклусите “Во потрага по изгубениот простор”, “Човек и време”, “Спектар на светлосниот извор”; акварели и пастели од еден од најпознатите и најобемни циклуси од творештвото на Анастасов – “Човек и простор” и цртежи изработени во техника туш на хартија од т.н. Енформелска лабораторија…
Изложбата е годишна, односно ќе биде поставена во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов” до декември 2020 год.

Во сликите од циклусот “Во потрага по изгубениот простор”, кадешто повеќе е изразено “збиднувањето зад завесата”, уметникот ни сугерира некаков амбиент, една префинета колористичка и структурална обработка на сликарската површина. Сиви, зелени и окерасти колористички хармонии, прецизен склад на хоризонтални и вертикални линии и ленти, со нему својствената контемплација и прикриена поетска привлечност, се главните одлики на овој сликарски циклус на уметникот.

Во делата од циклусот “Човек и време” уметникот создал оптичко-сликарска визија на динамичното движење на луѓето и машините. Воз што брза, присуство на човечки фигури и раздвиженост, сето тоа слеано во акција на движење, во колористички и светлосни тeкови.

“Човек и простор” е циклус кој ја третира осаменоста на човекот во урбаниот простор, смислата на изолацијата на човекот во градот, свет на анонимни силуети, наизглед осамени, разделени и меѓусебно индиферентни. На овој значаен циклус авторот му е посветен најдолг период, односно цели три децении, од 1978 до 2008 година.

Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, Анастасов ги изнесува со симболични, психолошки и политички набои што го карактеризираат неговото дело.

РОДОЉУБ АНАСТАСОВ е роден 1935 година во Скопје, Македонија. Професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во пензија. Дипломирал на Академија за ликовна уметност во Белград. Пет години бил член на Меѓународната Група “Јуниј”. За неговото творештво објавени се две монографии: ВЕЛИЧКОВСКИ, Владимир, Родољуб Анастасов, Скопје, Табернкул, 1995. и АНАСТАСОВ, Родољуб, Catalogue reisone: НУ Музеј на современa уметност, Скопје 2011. Некогашен политички робијаш од Голи Оток.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top