Врачени книжевните награди на ДПМ за 2019: Најважното признание за секој творец е од колегите – творци

-дпм.jpg

„Наградите не се резултат на маркетиншки кампањи, ниту збир на лајкови на социјалните мрежи, ниту цифри на тиражи и заработени финансиски средства – туку колегијална почит во книжевното творештво. Тие се значајна алка во создавањето репери за градење вредности во нашата литература и култура“, рече претседателка на писателската асоцијација Соња Стојменска – Елзесер на денешното одбележување на 73 годишнината од формирањето на ДПМ и врачувањето на книжевните награди за 2019 на Јован Стрезовски, Панде Манојлов, Катица Ќулавкова и Зоран Пејковски

„Најважното признание за секој творец е признанието од колегите- творци кои минуваат низ исти и слични премрежиња. Затоа и овие награди на Друштвото на писателите на Македонија што ги доделуваат творци на творци имаат посебна тежина. Тие не се резултат на маркетиншки кампањи, ниту збир на лајкови на социјалните мрежи, ниту цифри на тиражи и заработени финансиски средства- туку колегијална почит во книжевното творештво. Тие се значајна алка во создавањето репери за градење вредности во нашата литература и култура“, рече претседателка на писателската асоцијација Соња Стојменска – Елзесер на денешното одбележување на 73 годишнината од формирањето на ДПМ. Токму на 13 февруари – роденденот на ДПМ, како и досега, и годинава се врачија традиционалните книжевни награди за 2019 година во присуство на веќе објавените добитници на наградите, како и членовите на комисиите и ДПМ, бројни гости.

Притоа на писателот Јован Стрезовски му беше врачена наградата за проза „Стале Попов“ за „Чувар на тајни“, книга од 230 куси раскази во кои се бара смислата на животот. „Со прозно загледување во ова наше драматично, брзо, бурно, судбинско, одминливо и неодминливо, но секогаш незавршено време Стрезовски остава трага во потрагата по најдлабоките духовни сфери на современиот човек“, истакна Јован Дамјановски, претседателот на комисијата за избор на најдобро прозно дело за 2019 на ДПМ. Како што посочи, пак, Стрезовски, наградите му се особено драги кога доаѓаат од ДПМ, односно од членовите на жири-комисиите кои се врвни писатели, критичари и ја оценуваат годишната продукција на книгите објавени од македонски автори. „Наградите се потпора на делото, ако тоа е добро. Тогаш тоа се потпира на наградата и се памети. Инаку, таа би била само еден автобиографски податок на авторот“, посочи добитникот на „Стале Попов“ кој истакна дека наградите помагаат да се заинтересира читателската публика за конкретното дело, а ако тоа се чита, тоа е награда за авторот.

Од страна на Паскал Гилевски, пак, наградата за поезија „Ацо Шопов“ за поетската книга „Јужни реки“ му беше врачена на Панде Манојлов. „Оваа награда го носи името на нашиот великан, Ацо Шопов, ми значи многу и на овие години ми дава поттик. Стихозбирката содржи 75 песни и од неа дише нашето македонско поднебје. Сега се чувствувам како еден народен поет, поет кој си ја сака својата татковина, своето поднебје“, рече Манојлов запрашан за значењето на наградата. Во образложението, комисијата, пак, ќе ги оцени песните на „Јужни реки“ како дијалог со сегашноста, но и согледување на актуелните збуднувања во нашата средина, преку кои се упатува критика, револт и бунт. „Болот, крикот и гневот, Манојлов ги преобразува во чиста поетска мисла и идеја отелотворена во искрени лирски текстови“, посочи Гилевски.

Наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеј, пак, за вторпат ѝ е доделена на академик Катица Ќулавкова за книгата „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам“. „Авторката се залага за еден нов метод кој истовремено ќе биде и еден архиметод, пред сè како дијалог. Ќулавкова како теоретичар ја наметнува својата оригинална мисла: методите се вкрстуваат, се вмрежуваат и се надополнуваат преку взаемна рефлексија, компилација и дијалог“, посочи Данило Коцевски, кој ѝ ја врачи наградата на добитничката. „Ова не е збирка на книжевни критики, но е метакритика, теорија на книжевната критика, книга создадена од неколку значајни студии за книжевноста, но станува збор и за критичката методологија, а што произлезе од еден проект во МАНУ кој го работев со млади колеги. Мило ми е што пред неполни три месеци се наполнија 100 години од раѓањето на Димитар Митрев и по тој повод во МАНУ одржавме свечен собир за спомен и почит кон неговото грандиозно дело, не само како опус, квантитет и значење за времето кога е пишувано, туку и како дело кое станува уште позначајно во современоста“, рече Ќулавкова напоменувајќи дека и е чест за добивањето на наградата особено во конкуренција со Венко Андоновски, Иван Џепароски, Весна Мојсова-Чепишевска и Марија Гиревска.

Најдобра книга за деца и млади за 2019 и наградата „Ванчо Николески“ отиде кај книгата „Мали детски разговори“ на Зоран Пејковски. За Пејковски ова е втора награда на ДПМ, по „Празник на липите“ во 2012 година. „Оваа ми е најдрага од сите награди што сум ги добил (2018 на ЕУ во Брисел, наградите во Полска и Украина). Затоа што ја добиваш од еснафот, од сопствените луѓе, од Друштвото на писателите на Македонија, од своите Македонци“, рече Пејковски. За комисијата, „Мали детски разговори“ е пиеса во четири чина, изразот е современ, ликовите впечатливи, а пораките до децата ненаметливи и спонтани, мудро предупредувачки и насушни.

Инаку, на конкурсот на ДПМ за 2019 пристигнале 57 наслови, а наградата „Книжевен мост“ не беше доделена, бидејќи пристигнатите книги не ги исполнувале жанровските и естетските критериуми. (Н.И.Т.)

Вечер

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top