Во Стоби откриена скулптура на богот Дионис со пантер

-2.png

Минатата седмица на археолошкиот локалитет Стоби беше откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис. Исклучителното откритие е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија. Скулптуратакоја најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е. и е сочувана во височина од околу 50 сантиметри.

Откриена во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6 век, каде била употребена како градежен материјал. Токму поради тоа недостасуваат главата, десната рака и постаментот со стапалата. Со оглед на тоа што во 6 век христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал.

Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка) икантаросот (пехарот) со вино. Инаку, ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи.

Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа „Стоби“ со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадори Австралија. Стручниот тим од археолози при НУ Стоби кој ги реализира истражувањата се: м-р Златко Кованцалиев – раководител, м-р Јован Радњански – инструктор и м-р Гоце Павловски – инструктор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top