Во Македонија дојдов да создадам шампиони

boks.jpg

Во Македонија има многу боксерски таленти, со кои треба многу да се работи. Сите тие можат да постигнат завидни резултати, но само со правилна работа. Тука дојдов токму за да ги пренесам моето боксерско знаење и искуство од Куба како боксерска велесила, ни изјави Кубанецот Хесус Сојет, кој за селектор на македонската боксерска репрезентација беше назначен во август годинава.
Сојет во својата кариера имал 419 борби од кои во 391 излегол како победник, има големо меѓународно искуство, боксерски тренер е од 1995 година, а досега бил селектор и на репрезентациите на Мексико, Јапонија и на Холандија. Неговите амбиции во рингот секогаш целат највисоко.

– Јас сум тренер што не подготвува боксери за второ или за трето место, туку само за прво место, па со таква намера и дојдов во Македонија. Имавме интензивни подготовки изминатиов период, боксерите се добро подготвени за претстојната манифестација „Златен гонг“ и, секако, очекувам македонски боксер да го крене трофејот годинава, а тоа е токму и мојата цел тука, да создадам македонски боксерски шампиони – вели Сојет, кој во минатото бил шампион на Светскиот куп во Рим во 1983 година, како и светски вицепрвак во 1986 година.
Тој е свесен дека условите за работа во Македонија треба да бидат уште подобри, за напредок во боксот.

– Условите за работа во боксот овде многу се разликуваат од тие во Куба и затоа сметам дека тие треба да бидат уште подобри, ако се сака успех, оти во Македонија гледам дека има таленти. Во Охрид има едно 12-годишно момче, кое е неверојатен талент и голема иднина на македонскиот бокс – вели Сојет.
Тој го изнесе својот став и за состојбите во кубанскиот бокс.
– Во Куба, која има голема боксерска традиција, децата уште од мали почнуваат да тренираат бокс. Имаме многу таленти, што е и разбирливо, со оглед дека Куба има 11 милиони жители – вели Сојет, кој и денес комуницира со прославените кубански боксери.

На 49-от боксерски турнир „Златен гонг“ (од утре до сабота во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“), кој годинава слави 50 години од првиот, ќе учествуваат боксери од осум држави, а од Македонија ќе настапат Јасин Љама, Арсим Етеми, Орхан Шакировски и Алим Насуфи. Четвртфиналните борби се денеска од 16 ч., утре се полуфиналните, а в сабота од 15 часот и финалните борби (пренос МТВ).
– Добро сме подготвени за претстојниот „Златен гонг“. Изминатиов период работевме напорно и очекувам да победам во својата категорија, а со тоа и да го освојам „Гонгот“ – вели македонскиот боксер Љама, чие мислење го делеше и Етеми.

Мате Парлов – најдобар боксер-аматер

Искрено не знаев многу за македонските боксери пред да дојдам во Македонија. Единствено од овие пошироки простори го знам Мате Парлов, кој, според мене, е најдобриот полутешкаш во светскиот аматерски бокс. Како дете го гледав неговиот меч во Белград кога стана светски првак, вели кубанскиот стратег Хесус Сојет, селектор на македонската репрезентација.

goce.i@novamakedonija.com.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top