Воениот шенген следен предизвик за Македонија

konvoj-banskoliev-32-696x463.jpg

Колку е подготвена Македонија да ги имплементира мерките на т.н. воен шенген на ЕУ и НАТО, кој подразбира модернизација, подобрување и надградби на постојните железници и инфраструктурата на автопатиштата и мостовите?
Oваа дилема е разбирливи во пресрет на скорашното членство на Македонија во НАТО и во процесот на забрзано темпо на државата во приближување кон ЕУ.

Станува збор за нов меѓудржавен механизам што годинава почнува да се реализира меѓу државите на Европската Унија. Овие информации поврзани со конкретните безбедносни активности на државите-членки на НАТО и Европската Унија неодамна беа публикувани од Брисел, во документ наречен „Акциски план за воена мобилност“.

Според Брисел, целта на овој воен шенген е да се олесни транспортот на НАТО-војници и воена техника внатре во европските држави, каде што засега има голем број административни формалности и недостиг од инфраструктура за негова ефиксна и брза реализација. Акцискиот план за воена мобилност, кој е опишан на десетина страници, предвидува да се дефинираат потребите на воениот транспорт и да се провери дали инфраструктурите се употребливи за потребите на европските војски.

Според она што е напишано во елаборатот, Европската комисија со почетокот на 2019 година треба да направи процена на висината на финансиските инвестиции што Унијата ќе треба да ги направи за да може практично да почне да функционира воениот шенген. Стручниот магазин „Еуропеан дефенс матерс“ информира дека поентата на воениот шенген е во намалувањето на бирократските процедури при движење на воените сили од една членка на пактот во друга, а во поширок контекст овој настан би можело да навестува создавање иден воен сојуз на држави-членки на ЕУ.

„Дојче веле“, пак, ја цитира германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен, која смета дека реализацијата на планот за „воен шенген“ ќе придонесе за зајакнување на северноатлантскиот пакт и за зајакнување на европското семејство и ќе го консолидира НАТО.

Во меѓувреме, од македонска перспектива на случувањата, во сублимиран заклучок стручната јавност со која се консултиравме вели дека во најголем дел државата поседува солидна инфраструктура за спроведувањето на воениот шенген на наша територија, но за да биде поефикасно сето тоа, со сигурност ќе бидат потребни одредени вложувања, за кои во овој момент е прерано да се прават процени.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека воениот шенген на земјите од ЕУ и НАТО како алатка гледано е одличен стратегиски механизам со кој се подобрува оперативноста на армиите.

– Дополнително гледано од македонски агол, ако навистина дојдеме во позиција да го исполнуваме овој план, тој пред сѐ би подразбирал новини во две области. Во првата би требало да се вршат промени во правната сфера и законодавството, со што би се забрзал транспортот на оружјето и армиите. Во моментов во земјата во сила се закони што точно прецизираат колкави количества оружје и муниција и под какви услови можат да влезат, но и да поминат низ нашата држава. Натаму, во сила во земјата се и правилата на т.н. меѓународен договор СОФА, кој прецизира на кој начин низ нашата територија можат или не можат да транзитираат странски воени сили. Што значи дека ако започне да се применува воениот шенген, ќе има промени и во оваа област – објаснува Марковски.

Тој сепак потсетува дека со транспортот на војските во 1999 година делумно беа уништени или оштетени патните системи на Македонија, но сето тоа по извесно време беше платено и санирано од НАТО.

– За жал, санацијата не можеше да биде профитабилна за македонски компании, бидејќи во тој момент не бевме во НАТО, па сето тоа беше извршено од грчка компанија, која ги изврши задачите за поправка на патиштата и истовремено заработи многу на проектот – вели Марковски.

Тој истакнува дека воениот шенген, гледан од оваа перспектива, може и да е шанса за заработка на нашите градежни фирми доколку се јави потреба од изградба на нови или модернизација на стари инфраструктури.

Аналитичарот потсетува дека нашата држава, гледано стратегиски и воено, во најголем дел ги исполнува неопходните услови за транспорт на голем број воени сили, но додава дека трасата низ западна Македонија не е доволно развиена и таа со воениот шенген би можела да се развие и унапреди и на патен и на железнички план.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека е прерано во моментов да се извршат процени за тоа дали и колку би ја чинело нашата земја спроведување на воениот шенген. Аналитичарот советува дека во овој момент треба да почекаме и да видиме како годинава ќе започнат да го спроведуваат проектот развиените земји од Европа, па дури потоа да направиме процени на кој начин и со колкави финансии ние ќе можеме да придонесеме за побезбедни ЕУ и НАТО.

aleksandar.s@novamakedonija.com.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top