Внатрешната организација низ призмата на нејзиниот основач

D-r_Hristo_Tatarchev_02-696x559.jpg

Многумина пишувале за македонското револуционерно движење, честопати со намера да ги променат неговото македонско суштинско својство и одлика, во обид со политички алатки и во согласност со одредена политичка конјуктура, да ја менуваат историографијата. Со намера да ги оттргнеме политиката и политиканството од историјата и да дадеме автентично видување за карактерот на револуционерно движење, во нашиот текст изворно и автентично ги пренесуваме искажувањата на Христо Татарчев, еден од основачите на Внатрешната организација.

Христо Татарчев истакнува дека Македонската внатрешна организација се наложила како мисла и акција од оној комплекс на историски сили, кои со години тлееле во народот и го чекале моментот за да се конкретизираат во животот. Македонскиот народ откако се ослободи од духовно-културната власт на Цариградската патријаршија, не може да остане индиферентен кон политичко-социјалните услови што владееја со неговата татковина. Затоа идејата за слободата за него беше една насушна неопходност за пројава на неговиот дух и волја. Таа неопходност го поттикна да ја напушти вековната пасивност и да прибегне кон оние методи и дејства што беа прифатени во светската историја за слободата. Тој негов стремеж се објективизира во почетокот на 1893 година кога беше формирана конспиративната организација – ВМОРО. Солун стана негово родно место и центар на револуционерната дејност.

Татарчев исто така забележува дека основачите на Внатрешната организација биле одраз и носители на аспирациите и желбите на својот народ – слобода и национална самостојност. Целта на ВМОРО се состоеше од извојување на слобода за Македонија во духот на автономниот принцип, кој требало да ги задоволи сите етнички заедници во Македонија, како и интересите на соседните држави. Внатрешната организација немаше егоистично-националистичка основа, напротив имаше универзална, а таа универзалност најкатегорично беше потцртана со девизата автономна Македонија, а подоцна со допуштање на инородните народи во редовите на револуционерната организација и забрана за гркоманските села да преминуваат под власта на Бугарската егзархија поради што се создаде конфликт помеѓу Внатрешната организација и Егзархијата. Автономниот принцип бил прифатен од тактички причини, а Христо Татарчев истакнува дека законските барања на Македонците се обединета и независна Македонија, како што разбирала и Внатрешната организација. Предилинденската епопеја беше прелудиум и ореол на една логична историска разврска – Илинденското востание.

Илинденското востание беше енергичен оружен протест против големите сили што ја толерираа бесправнатa положба на Македонија. Востанието исто така на виделина изложи зачудувачки карактер, неуништлива енергија и волја, кога робот се побуни со примитивно вооружување против вековниот непријател за да извојува слобода за својата татковина. Неговото знаме со девизата слобода или смрт се вееше десет дена во прекрасното Крушево. Илинденското востание беше апогеја на еден можен народен подвиг, устрем и акција, пројавени во името на слободата. Илинден ќе остане легенда за идните генерации и идол на нивните стремежи.

Кој е д-р Христо Татарчев

Д-р Христо Татарчев е еден од основачите на Внатрешната организација и прв претседател на Централниот комитет. Роден е во Ресен, во богато трговско и банкарско семејство. Се школува во Пловдив, Цирих и Берлин. Поради својата револуционерна дејност во 1901 година бил притворен и осуден на заточеништво во Бодрум кале. Во 1902 година е помилуван и заминува во Софија каде што како задграничен претставник на Внатрешната организација, заедно со Христо Матов, ја донесува одлуката за кревање на Илинденското востание. Во постилинденскиот период неговото влијание се намалува и постепено се повлекува од револуционерната дејност. По Првата светска војна е меѓу главните критичари на Тодор Александров и еден од основачите на Македонската федеративна организација. Поради заканите од страна на ВМРО и Тодор Александров е принуден да емигрира во Италија. Татарчев е автор на голем број статии за Внатрешната организација и македонското прашање.

Точниот датум на основање на Внатрешната организација
е 4 ноември 1893 г.

Револуционерната организација е основана на 23 октомври (според стариот, јулијански календар), односно на 4 ноември 1893 година во Солун од страна на Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров. Организацијата е основана под името Македонска револуционерна организација, но во подоцнежниот период доаѓа до промена на нејзините статутарни акти и следствено до промена на нејзиното име. Таа може да се сретне како ТМОРО, ВМОРО и ВМРО меѓутоа во историјата останува заменета како Внатрешната организација, именување што ја одразува нејзината македонска автохтона суштина.

Екипа на „Нова Македонија“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top