Васка Мојсовска, добитничка на наградата „Жена на годината“ во Србија

Vaska-nagrada.jpg

Традицијата во руралните средини дозволува само мажите да бидат наследници на земјиште и имотот. Така во Македонија само 5 отсто од жените во руралните средини се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. За тоа како е да се биде жена фармер, со кои проблеми се соочуваат жените во руралните средини, како и за неодамнешната награда „Жена на годината“, која ја доби во Врњачка Бања, Србија, разговараме со Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери

Како жена фармер, која две години е на чело на Националната федерација на фармери, кажете ни со какви проблеми се соочуваат жените фармери во државата?

Жените од руралните средини се соочуват со голем број на предизвици, социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничен пристап и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги итн. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64 отсто од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во однос на наследувањето имот, традицијата во руралните средини дозволува само мажите да бидат наследници. Само 5 отсто од жените се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголем дел од нив не ги перципираат овие практики и традиции како дискриминирачки, туку ги прифаќаат како нормални и ги почитуваат без приговор. Во насока на решавање на предизвиците и овозможување на развој на жените од руралните средини НФФ заедно со Мрежата за рурален развој, Министерството за земјодлество, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика потпишаа Декларација за подобрување на економскиот и социјален статус на жените од руралните средини.

Кажете ми нешто повеќе за наградата „Дама на годината“, која ја добивте во Врњачка Бања, дали таа ќе биде мотив плус за уште поуспешна работа и продолжување на борбата за правата на руралните жени?

Сите награди и признанија добиени лично за мене или за нашата семејна фирма ми се подеднакво драги и мотивирачки. Оваа награда е прва моја награда на регионално ниво и ми е посебно драга, бидејќи и во Србија го препознале трудот и мојата работа како жена земјоделка која ја работам веќе 23 години. Во Врњачка Бања, Србија ја добив наградата “Дама на годината“ која се доделува на успешни жени во различни бизниси од поранешните југословенски републики. Ова за мене е огромен успех и мотив за уште поголем ангажман и работа и во мојата приватна фирма, а и во организацијата НФФ.

Дали последниве години нешто се промени во поглед на подобрување на економската и социјалната положба на руралните жени?

На оваа проблематика треба многу да се работи, а потребни се и јавни кампањи за подигнување на свеста. НФФ овој проблем го истакна пред Обединетите нации на Комитетот за елеминација на сите форми на дискриминација кон жените, каде што присуствуваме со подршка на Шведската развојна организација We Effect. При тоа од страна на ООН е дадена препорака до нашата Влада дека треба да се работи на подигнување на јавната свеста и жените покрај мажите да се наследници на имотот. Потребно е креирање на акциски план и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените и изнаоѓање решенија за остварување на право на пензија за руралните жени. Една од позитивните мерки што сега треба да се објави е мерката 115 од Програмата за за рурален развој, која вклучува родова перспектива во креирање на сите мерки, политики и стратегии кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој. Исто така, потребно е подобрување на достапноста на јавните услуги, измени на Законот за здравствено осигурување со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување, развој на стратегија за обезбедување на право на сопственост на земјиште на жени од рурални средини, подигнување на свеста за соочување со културни и традиционални модели кои спречуваат еднаков пристап и контрола на земјиште од страна на жените. Овие препораки на барање на НФФ пред еден месец беа усвоени од страна на Собраниската комисија за еднакви можности.

Каде е Македонија во однос на другите држави во регионот и Европа во однос на првата на руралните жени? 

Кога станува збор за Европа на оваа тема сме многу далеку, а што се однесува до регионот сме тука некаде. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваат руралните жени во регионот се слични на нашите.

Во последно време актуелна е темата со земјоделските субвенции. Дали сметате дека субвенциите имаат социјална, но не и развојна компонента и оти треба да се смени начинот на нивна распределба?

Субвенциите се неопходни за одржување на земјоделството, бидејќи како што растат производните цени, а пазарните се намалуваат токму тие се неопходни за да можеме да опстанеме. Она што ние како НФФ со години апелираме  до Министерството за земјоделството е да постои временска рамка и таа да се почитува и за аплицирање и исплата на Програмата за финансиска подршка на директни плаќања, односно субвенции и за Програмата за руралната развој, бидејќи тоа е многу важно за да се планираат овие пари од страна на земјоделците. Она што бараме е исто така да се воспостави мониторинг систем каде што ќе се следи трошењето на парите од двете програми и ефектите од овие програми. Само на ваков начин и со вакви анализи можеме да видиме каде се движиме и што постигнуваме. Според нас субвенциите и понатаму ќе имаат социјална компонента за да се одржат земјоделците на село и тоа ќе биде така се додека не се реши проблемот со пласманот, односно да имаме повисоки откупни цени од производните цени и посигурен пласман.

Може ли жена што работи во земјоделие да биде и дама, да се негува и да живее современ, модерен живот? Ги разбивме ли стереотипите околу ова? 

Секако дека може само треба да има желба и да си посвети време за себе. Нашата работа е физичка и поврзана со земјата, меѓутоа кога се работи на поле се работи со посебна униформа и облека. Жената од рурална средина треба да се грижи за себе и за своето здравје и изгледот бидејќи сепак таа е жена како и сите други жени и фразата “немам време за себе“ не треба да и биде изговор. Таа треба да е горда што произведува храна и достоинствено да се носи со тоа.

Вечер  (А.С.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top