Вардар по петти пат ја покори СЕХА лигата

Vardar-so-trofejot-vo-SEHA-1-702x437.jpg

Ракометарите на Вардар по третпат во само десетина дена го поразија ППД Загреб. По двете победи во осминафиналето во Лигата на шампиони (27:18 и 32:30), „црвено-црните“ подобри од хрватскиот првак и на неутрален терен. Последниот е запишан во Брест, Белорусија каде вардарци во финалето на СЕХА лигата славеа со 26:23 (полувреме 14:12) за петти трофеј во натпреварувањето што е посветен на Кристијан Дизингер кој имаше непријатен пад на левата рака.

Првичните наоди не покажуваат скршеница туку само дислокација, но целиот состав сочувствува со германскиот интернационалец кој преку социјалните мрежи доби поради за побрзо заздравување на шест јазици – на македонски од Стоилов, на туниски од Гедбане, на летонски од Кристопанс, на хрватски од Чупиќ и Карачиќ, на словенечки од Скубе и на шпански од Парондо.

Репризата на финалето од лани донесе борбен ракомет каков што немаше во неодамнешните судири на двете екипи во ЛШ. Воведот им припадна на хрватските ракометари на што Парондо одговори со тајм аут при 4:7 во обид за нарушување на противничкиот ритам и за фаќање на резултатски приклучок на неговите играчи. И успеа во тоа во што не се одрази ниту црвениот картон на Рожерио Фереира Мораеш по прекршокот врз Дамир Бичаниќ. Во вториот дел на трибини се пресели и Давид Мандиќ поради три исклучувања.

Најефикасен во мечот за титулата беше Даинис Кристопанс со седум гола, по пет за Вардар постигнаа Тимур Дибиров и Сташ Скубе. Листата на стрелци кај ППД Загреб ја предводеше Лука Мраковчиќ со четири погодоци, еден повеќе од Алекс Влах, од Јосип Божиќ Павлетиќ и од Златко Хорват.

Во натпревар за третото место, Мешков Брест го совлада Нексе со 24:19.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top