„Би Би Си“ музичкиот магазин со максимални 5 ѕвездички за новиот компакт-диск на Симон Трпчески

simon-bi-bi-si.jpg

Престижното британско и едно од водечките светски музички списанија, „БИ БИ СИ Мјузик магазин“ во својот јануарски број, со максималната оценка од 5 ѕвездички го оцени нajновото самостојно компакт-диск издание на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески насловено „Сказни од Русија“ што неодамна го издаде британска етикета „ОНИКС“, информира КултурОп.

„Трпчески ги позлатува Приказните на Прокофјев со совршено проценет тон, придружен од снимка која е исто полна и прекрасна како и изведбата на ваков врвен пијанист “ – нагласува еминентниот критичар Дејвид Најс во текстот под наслов „Трпчески обојува магична слика“, издвоен како „инструментален избор на уредникот“. За изведбата на „Шехерезада“, тој подвлекува дека „…Трпчески толку прекрасно ја „диригира“ својата интерпретација кон серија врвни кулминации, што сосема ја разбирате неговата посебна љубов кон оваа музика“, завршувајќи за „Ноќта на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, дека „… таму каде што обичен виртуоз може да брза низ демонски-прогонувачката зора, Трпчески создава најмагична обоеност на тонот“.

Освен за изведбата, 5 ѕвездички ова издание доби и за квалитетот на снимката реализирана во Ливерпул со продуцентот Ендрју Корнал.

Потсетуваме, Трпчески за својот најнов соло носач на звук (трет за издавачката куќа „ОНИКС“) направи внимателен избор од фасцинантна и, како што самиот вели „инспиративна музика од Прокофјев, Мусоргски и Римски-Корсаков“.

Инаку, по декемвриските настапи во Франкфурт и Виена (прочуената сала „Музикферајн“), првите 3 концерти во Новата година го водат нашиот прославен пијанист од светски глас во Соединетите американски држави на настапи на матичната сцена со Њу Џерси Симфони и прославената диригентка Шиан Жанг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top