Бејли заминува, доаѓа амбасадорката Бурнс

burns1.jpg

„Благодарам Северна Македонија за вашето гостопримство, пријателство и љубезност. До следно видување – се гледаме!“.

Вака, амбасадорот на САД во заминување Џес Бејли напиша на својот Твитер профил, со што официјално заминува од неговата должност на која беше од декември 2014.

Бејли во јануари годинава објави дека го напушта Скопје на почетокот од март, а потоа и ќе се пензионира од работата во Стејт департментот по 34 години работен стаж.

– Повеќе од 20 години, Соединетите Држави и Македонија градат динамично партнерство. Јас имам намера да ги зајакнам нашите односи, и да и помогнам на Македонија да го реализира својот потенцијал како динамична, мултиетничка и просперитетна демократија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница, изјави Бејли во февруари 2015 во неговото претставување пред македонската јавност.

Наследник на Бејли е Кејт Мари Бурнс, во чија номинација се наведува дека е дипломат од кариера, ветеран со 24 годишен стаж. Досега работела како советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид- Шпанија, виш цивилен претставник на Стејт департментот во оперативната група Бастон/Бронко на аеродромот Џалалабад – Авганистан и советник за односи со јавност во Мисијата на САД во НАТО.

Бурнс има магистерска од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Зборува шпански, унгарски и турски јазик. Од септември 2017 година таа работи на позицијата заменик-амбасадорка во Американската амбасада во Атина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top