Арсовска во Истанбул: 12 светски жени лидери со пораки до владите на глобално ниво

.jpg

Претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска, учествува на седница на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери. Од овој настан, Комитетот, кој соработува со претседатели на држави и влади на глобално ниво, ја адресира пораката за изедначување на третманот на жените. Арсовска е член на бордот на Глобалниот комитет, во кој членуваат 12 светски влијателни жени, под водство на Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела.

Арсовска е член на бордот како резултат на интернационалните достигнивања и функција во највисоката позиција во раководството на Светска коморска федерација – WCF, која раководи со над 12.000 стопански комори глобално, како една од 3 жени во светот.

Мандела, како жена лидер на 21 век, истакна дека предизвикот за зајакнување на светската економија е во што поголемо учество на жените на пазарот на труд.
„Како жени треба да почнеме да се поддржуваме и да овозможиме секоја жена што го заслужува тоа, да го добие своето место во општеството. Кога ја почнав својата мисија, моето лично искуство беше во доменот на политика, но не и во претприемаштво, за што ми беше потребен ментор. Владите треба да им овозможат поддршка на жените претприемачи, а тоа често е декларативно, потребни се конкретни чекори“, изјави Мандела.

Арсовска на седницата на бордот истакна дека и покрај тоа што прашањето за еднакви можности е ставено на агендите на владите во светот, сепак предизвикот останува главно нерешен, а напредокот во последните децении на светско ниво е ограничен. Таа смета дека квотите што постојат во јавниот сектор се доказ дека доколку институционално не се наметне овозможувањето еднакви услови за напредување, тогаш жените тешко дека ќе постигнат еднаков третман.

„Удираме силно по стереотипите и ги кршиме на ситни парчиња. Глобалниот комитет на 12 жени лидери има македонски претставник, со што докажуваме дека малите земји, кои се во развој, не се незначајни во глобалните текови. Успеавме со професионални постигнувања, кои никој не може да ги оспори, да се позиционираме и пред претставници на големите и силни економии, кои имаат поголема финансиска и политичка поддршка. Ова е мотив за новите генерации да стекнат свест и храброст да придонесат за глобални промени и целиот свет да го препознае тоа. Исто е и во однос на прашањето на родовата еднаквост, мора со храбри одлуки и решителни чекори да се кршат стереотипите според кои жените се помалку вредни и значајни. За секоја позиција главен критериум да не биде родот, туку да се инсистира на меритократија и квалитет“, вели Арсовска.

На седницата се дискутира за предизвиците на денешницата со конкретен стратешки план за дејствување во следните две години. Во рамките на официјалната посета на Истанбул, Арсовска е и панелист на Глобалниот самит на жените лидери, каде што на високо ниво се присутни повеќе од 500 еминентни личности од политиката, економијата и науката на светско ниво.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top